Научници открија над 11.000 непознати вируси на дното на Тихиот Океан

Дури 99 отсто од микроорганизмите во зоната Кларион-Клипертон се целосно нови за науката, токму на локацијата каде што се планира масовно подводно рударење.

Научен тим од Кина идентификуваше 11.742 различни видови вируси во седиментите на дното на Тихиот Океан, од кои речиси сите се досега непознати за биологијата. Истражувањето е спроведено во зоната Кларион-Клипертон, подрачје познато по огромните наоѓалишта на ретки метали, каде што научниците со анализа на ДНК и РНК открија микробиолошки свет што директно го регулира кружењето на хранливите материи на длабочина од неколку илјади метри.

Истражувачите Бовен Хоу и Лилан Џанг од Универзитетот во Чунгќинг, заедно со Донг Сунг од Вториот кинески институт за океанографија, ги собираа примероците од седиментот во текот на 2023 и 2024 година. Нивната студија, објавена во научното списание Nature Communications, претставува прв обид за мапирање на виромот на океанското дно пред да започне комерцијалната експлоатација на минерали.

Резултатите покажаа дека 99 проценти од изолираните вируси немаат генетска сличност со ниту еден претходно регистриран вирус во другите морски длабочини. Овие микроорганизми живеат околу полиметалните грутки, цврсти минерални формации богати со манган, никел, кобалт, литиум и цинк. Додека најголемиот дел од океанското дно е прекриен со мека тиња, овие грутки растат со брзина од едвај еден до пет милиметри на милион години и претставуваат единствена цврста подлога за развој на специфични екосистеми.

Испитувањата утврдија дека најголем дел од пронајдените вируси се специјализирани за инфицирање на прокариотски организми, главно бактерии и археи. Овие едноклеточни суштества се основа на животот во темните длабочини, бидејќи овозможуваат кружење на јаглеродот, азотот, фосфорот и сулфурот.

Генетската анализа покажа дека вирусите не само што ги напаѓаат овие микроби, туку носат и помошни метаболички гени што директно им помагаат на нивните домаќини да се справат со високата токсичност на тешките метали. Авторите нагласуваат дека со внесување нов генетски материјал, вирусите го менуваат метаболизмот на микробите и ја диктираат нивната способност за преживување.

Зоната Кларион-Клипертон моментално е предмет на силен геополитички интерес. Меѓународната управа за морско дно (ИСА) досега издаде 31 договор за истражување на минерали во длабоките мориња, при што дури 17 договори се концентрирани токму во ова подрачје на Пацификот, а пет се под директна контрола на кинески државни субјекти.

Научниците предупредуваат дека евентуалното рударење ќе предизвика масовно кревање на фината прашина и трајно физичко разорување на седиментите. Експериментите со симулација на такви нарушувања покажуваат дека последиците врз дното остануваат видливи со децении, со висок ризик за целосно уништување на микробиолошките заедници чие функционирање науката дури сега почнува да го разбира.

е-Трн да боцка во твојот инбокс