Астрономите откриле огромна структура во длабокиот вселенски простор која може да го доведе во прашање нашето разбирање за еволуцијата на универзумот. Станува збор за речиси совршен прстен од галаксии, наречен „Големиот прстен“, со дијаметар од околу 1,3 милијарди светлосни години. Структурата била забележана во светлина која патувала 6,9 милијарди години до Земјата.
Истражувачите велат дека ова откритие не се вклопува во стандардните модели за формирање на крупните структури во универзумот и би можело да укаже дека сегашната космолошка теорија треба да се преиспита.
Ова не е прво вакво откритие во истиот регион на небото. Претходно бил пронајден и т.н. „Гигантски лак“, што дополнително ја зголемува мистеријата.Според научниците, овие структури се поголеми од теоретската граница од околу 1,2 милијарди светлосни години за вакви формации, што ги прави „неочекувани“ во рамки на постојните модели.
„Не очекувавме вакви структури на оваа скала“, изјавуваат истражувачите, додавајќи дека и нивната форма и близина во космолошки размери се особено необични.Во моментов постојат неколку хипотези — од случајна распределба на галаксии, до поегзотични идеи како космички жици или циклични модели на универзумот но ниту една не дава целосно објаснување.
Научниците нагласуваат дека можеби се работи за случајна структура, но веројатноста за тоа се смета за исклучително мала. Потребни се дополнителни истражувања за да се открие дали во универзумот постојат уште слични формации.