Осум загинати при уривање станбена зграда во Њујорк: Мамдани нареди проверки на 100 градилишта

Меѓу загинатите има две деца и двајца градежни работници, а повредени се 18 лица. По трагедијата во Бруклин, градоначалникот нареди истрага на пет компании и проверки на уште 100 градилишта на кои тие работат.

Најмалку осум лица загинаа при уривање станбена зграда во Бруклин, Њујорк, а спасувачките екипи ја завршија потрагата по евентуални преживеани. По трагедијата, градоначалникот Зохран Мамдани нареди истрага на десетици градилишта поврзани со компаниите што изведувале работи во близина на урнатата зграда, објави Ројтерс.

Ден по несреќата, Мамдани соопшти дека градските власти ќе испитаат пет компании поврзани со градилиште во непосредна близина на урнатиот објект. Проверките ќе опфатат и уште 100 градилишта на кои работат истите компании.

Сателитските снимки покажуваат дека ископувањата на соседната парцела започнале претходно годинава. Според официјалните записи, изведувачот во септември ги известил властите дека работите ќе вклучуваат и минирање карпи. Градежните инспектори се испратени на градилишта низ целиот град за да проверат дали постојат безбедносни ризици.

„Сакаме да бидеме сигурни дека нашите инспектори се на терен и дека преземаат мерки доколку постои каква било причина за загриженост кај граѓаните“, изјави Мамдани на прес-конференција.

Тој најави дека одговорните ќе сносат последици доколку се утврди дека нивните постапки придонеле за несреќата.

„Доколку некое лице или која било компанија во овој град е одговорна за она што се случи, ќе ја повикаме на целосна одговорност“, рече градоначалникот.

Осум лица загинаа, меѓу кои и деца

Според градските власти, шест лица биле пронајдени мртви во урнатините, а уште две им подлегнале на повредите. Меѓу осумте загинати има две деца и двајца градежни работници. Вкупно 18 лица биле повредени, меѓу кои и четворица пожарникари што учествувале во спасувачката операција.

Станбената зграда била изградена во 1930 година и имала четири стана. Мамдани потврди дека во неа живееле неколку имигрантски семејства. Меѓу загинатите се и двајца државјани на Еквадор. Зградата се урнала во средата околу 16 часот, при што бил уништен и ѕид од соседниот објект. По уривањето биле откриени делови од внатрешноста на зградата, вклучувајќи скали, плакари и спална соба.


Како мерка на претпазливост, властите наредиле евакуација на жителите од уште три адреси на истата улица, додека траат безбедносните проверки. Околу 250 работници биле вклучени во спасувачката операција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс