Милиони луѓе ширум светот се соочуваат со сериозни прекини во работата на услугите на Microsoft. Проблемите ги погодија алатките како Outlook, Teams и Copilot, како дел од глобален пад на системот што трае повеќе од 10 часа.
Иако експертите предупредуваат дека ова би можело да прерасне во еден од најтешките прекини во историјата, со потенцијални штети од милијарди долари, Microsoft ја отфрли можноста за хакерски напад и соопшти дека работи на решавање на проблемот, пренесува Би-би-си.
Прекинот ги погоди корисниците на глобално ниво. „Даундетектор“, веб-страница што ги следи проблемите пријавени од корисниците, покажал дека за само еден час прекинот се проширил во 74 земји. До доцните попладневни часови во четвртокот, според средноевропско време, бројот на пријави за проблеми со Outlook достигнал речиси 140.000 – повеќе од 2.000 пати над вообичаеното ниво.
Пад на серверите, а не хакерски напад
Која е точната причина за прекинот? Од Microsoft наведуваат дека не станува збор за сајбер-напад, туку за проблем во нивната сопствена инфраструктура, поточно за „зголемено оптоварување“ во повеќе региони.
Од компанијата објасниле дека проблемот не настанал поради преголем број корисници, туку затоа што одреден број сервери неочекувано престанале да функционираат. Тоа довело до преоптоварување на преостанатите сервери, кои повеќе не можеле да ги обработат сите пристигнати барања.
Иако во еден момент од Microsoft оптимистички соопштиле дека забележуваат „позитивни резултати“ од преземените мерки за поправка, набргу признале дека процесот не се одвива според планот. Компанијата предупредила дека дури и по повторното воспоставување на услугите, системите би можеле повторно да паднат кога корисниците ќе почнат да се поврзуваат. Поради тоа, сега се тестираат алтернативни методи што би им овозможиле на корисниците пристап до алатките без повторно целосно да се преоптовари системот.
