Платформата за видео игри Roblox, која е најпопуларна меѓу младите играчи на возраст од осум до 12 години, е оптоварена со обвинувања дека некои деца се изложени на експлицитна или штетна содржина, а има повеќе извештаи за малтретирање и онлајн малтретирање.
Ко-основачот и извршен директор на Roblox, Дејвид Базуки, инсистира дека компанијата води голема грижа за заштита на своите корисници и нагласува дека „десетици милиони“ играчи имаат „неверојатни искуства“ на платформата.
На прашањето каква е неговата порака до родителите кои не сакаат нивните деца да бидат дел од оваа онлајн игра, Базуки вели: „Мојата прва порака би била, ако мислите дека е штетно, не дозволувајте вашите деца да бидат на ‘Роблокс’“.
„Звучи малку контрадикторно, но секогаш би им верувал на родителите да донесат свои одлуки“, изјави Базуки во ексклузивното интервју за BBC News.
Коментирајќи го интервјуто, Џастин Робертс, шеф на најпопуларниот британски портал за родителство, Mumsnet, истакнува дека родителите се пожалиле на нивниот форум за тоа колку им е тешко да воспостават родителска контрола врз нивните деца кои играат Roblox.
„Постои родителска контрола, а нашите корисници би сакале да имаат постојана родителска контрола“, изјави Робертс за Би-Би-Си. „Но, сите знаеме дека со најдобра волја на светот, животот е таков што тоа не е возможно. Не можете да гледате сè што прават вашите деца 24/7, дури и ако ги имате сите родителски контроли што можете да ги поставите.“

Со седиште во САД Roblox е една од најголемите платформи за видео игри во светот, со повеќе месечни корисници од Nintendo Switch и Sony PlayStation заедно. Во 2024 година, во просек имаше повеќе од 80 милиони играчи дневно – околу 40 проценти на возраст под 13 години. Неговата огромна империја опфаќа околу 40 милиони игри и искуства генерирани од корисниците.
Во Обединетото Кралство, Законот за безбедност на Интернет, кој стапува на сила во април, има строги одредби за сите технолошки компании конкретно насочени кон заштита на децата од онлајн вознемирување.
Но, Базуки вели дека е убеден во валидноста на безбедносните алатки на Roblox и инсистира дека компанијата прави многу повеќе и оди многу подалеку за да ги заштити своите корисници.
„Ние во компанијата имаме став дека секој инцидент, дури и еден лош инцидент, е премногу“, тврди извршниот директор.
„Гледаме за малтретирање, гледаме за булинг, ги филтрираме сите тие работи и би рекол зад сцената, анализата оди до крај, доколку е потребно, да се допре до официјалните органи за спроведување на законот.“
Играчите кои ги прекршуваат правилата за „пристојност“ може да се соочат со привремени суспензии и подолги забрани, а Roblox тврди дека ја анализира целата комуникација помеѓу членовите на платформата, сè почесто користејќи напредни системи за вештачка интелигенција и други технологии за да го стори тоа – и се што е означено се испраќа на понатамошна истрага.
Во ноември минатата година, на оние помлади од 13 години им беше забрането да испраќаат директни пораки, како и да играат во „искуства за дружење“ кои вклучуваат разговор меѓу играчите.
Новинарите на Би-Би-Си успеале да создадат два лажни профили, едната за 15-годишен играч, а другата за 27-годишен играч, на уреди кои не се поврзани и разменуваат пораки меѓу нив.
Безбедносните филтри ги забележале нивните обиди отворено да го преместат разговорот на друга платформа, но тие усоеале да најдат едноставни начини да ги преформулираат барањата за разговор на друго место и да дадат предлози за играње игри за возрасни.
Кога на извршниот директор на Roblox му беа претставени овие наоди, тој изјави дека овој пример ја нагласува компаративната безбедност на платформата, бидејќи луѓето сфатија дека мора да пренесат содржина што може да ги прекрши нивните правила на други платформи.
Тој признава дека постои деликатна рамнотежа помеѓу охрабрувањето на пријателствата меѓу младите и блокирањето на можностите за тоа, но вели дека е уверен дека Roblox може да управува со двете.
Исто така, му беа покажани неколку наслови на игри Roblox кои платформата ги препорача на 11-годишно дете, но тој остана цврст во своето тврдење дека им верува на системите на платформата за оценување на возраста на играчите.
Базуки ја основаше платформата со Ерик Касел во 2004 година и ја лансираше јавно во 2006 година – една година пред да се појави првиот Apple iPhone, најавувајќи го почетокот на ерата на паметните телефони.