Забраната не даде резултат: Над 80 проценти од австралиските тинејџери сè уште користат социјални мрежи

 И покрај законската забрана за лица помлади од 16 години, истражувањето покажува дека повеќето малолетници продолжиле да ги користат социјалните платформи поради недоволната проверка на возраста.

Австралиската забрана за користење социјални мрежи од страна на лица помлади од 16 години засега не ги даде очекуваните резултати. Според австралискиот регулатор за интернет-безбедност eSafety, повеќе од 80 проценти од тинејџерите продолжиле да ги користат платформите и три месеци по стапувањето на законот во сила.

Истражувањето покажува дека најголемиот дел од децата на возраст од 10 до 15 години ги користеле социјалните мрежи речиси со ист интензитет како и претходно. Иако бројот на кориснички профили се намалил од 52 на 42 проценти, многумина ги задржале постојните или отвориле нови сметки.

Главната причина, според регулаторот, е тоа што технолошките компании не вовеле доволно ефикасни механизми за проверка на возраста. Речиси половина од децата изјавиле дека платформите воопшто не ја провериле нивната возраст, додека други успеале да пристапат користејќи претходно внесени или погрешно проценети податоци.

Австралија беше првата држава што воведе ваква забрана поради загриженоста за влијанието на социјалните мрежи врз менталното и физичкото здравје на младите. Во меѓувреме, властите најавија построги казни за компаниите што нема да ги почитуваат законските обврски, а истрагата против неколку големи платформи сè уште е во тек.

е-Трн да боцка во твојот инбокс