Македонија во „црвен аларм“: Жештините не попуштаат, температурите ќе се искачат до 42 степени

Сончево и многу топло време ја очекува земјава, со висок индекс на опасност од горештини. Експертите предупредуваат на внимателност во најтоплиот дел од денот.

Македонија и во следните денови ќе остане под влијание на топлотен бран, со стабилно, сончево и многу топло време. Температурите ќе бидат значително над просекот за овој период од годината, а во најтоплите делови од земјава се очекува да достигнат до 42 степени Целзиусови.

Според метеоролозите, времето ќе биде претежно ведро со слаб до умерен ветер, а дневните температури ќе се движат во интервал од околу 35 до 42 степени. Највисоки вредности се очекуваат во јужните и централните делови на земјата.

Поради високите температури, граѓаните се предупредуваат да избегнуваат директно изложување на сонце во периодот од 11 до 17 часот, да внесуваат доволно течности и да бидат особено внимателни со децата, повозрасните лица и хронично болните.

Лекарите препорачуваат во најтоплиот дел од денот да се намалат физичките активности на отворено, а доколку се излегува, да се користи заштита од сонце и лесна облека. Од надлежните служби потсетуваат дека високите температури го зголемуваат и ризикот од пожари, особено во суви и шумски подрачја, па се апелира на внимателност и избегнување палење оган на отворено.

Метеоролозите очекуваат топлото време да продолжи и во празничниот период околу 2 Август – Илинден, со можни краткотрајни промени само во планинските региони.

е-Трн да боцка во твојот инбокс