Хемикалија што се користи во производството на детергенти е неофицијално причината за побелувањето на реките Лепенец и Вардар, кое предизвика загриженост во јавноста пред една недела, објави ТВ Сител.
Според информациите, лабораториската анализа изработена во ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје е завршена и веќе е доставена до Државниот инспекторат за животна средина и до Министерството за животна средина и просторно планирање.
И покрај тоа што веднаш по појавата на белата пена градските инспекциски служби започнаа потрага по изворот на загадувањето, користејќи и дрон, сè уште не е утврдено кој ја испуштил супстанцата.
Од Државниот инспекторат за животна средина велат дека сè уште ги очекуваат резултатите од анализите на примероците што и тие ги земале од реките. По нивното пристигнување ќе следува споредба со резултатите од лабораторијата на ЈП „Водовод и канализација“.
Во меѓувреме, од јавното претпријатие уверуваат дека водата за пиење во Скопје е целосно безбедна и дека загадувањето не влијаело врз квалитетот на водоснабдувањето.