Политичката сцена во Унгарија влегува во фаза на сериозна неизвесност по парламентарните избори, со најави за значајни промени и во внатрешната и во надворешната политика. Лидерот на победничката партија Тиса, Петер Магар, изнесе ставови што укажуваат на можен пресврт во односите на Будимпешта со ЕУ но и на длабоки институционални потреси во самата држава.
Според информациите објавени од Bloomberg, Маѓар изјавил дека актуелниот премиер Виктор Орбан би можел да го повлече ветото на пакетот финансиска помош од Европската унија за Украина во вредност од 90 милијарди евра, но само доколку се обнови испораката на нафта преку нафтоводот „Дружба“. Енергетската безбедност, според него, останува клучен приоритет за Унгарија и директно влијае врз нејзините одлуки во европските институции.
И покрај очекувањата на Брисел и Киев дека изборниот исход ќе доведе до деблокада на помошта, процесот нема да биде автоматски. Како дополнителен ризик се посочува Словачка која би можела да ја преземе улогата на Унгарија во блокирањето на заемот доколку процени дека тоа е во нејзин интерес.
Во меѓувреме, Маѓар упати остри пораки и кон домашната политичка сцена, повикувајќи го претседателот Тамас Шулок да поднесе оставка. Тој нагласи дека веќе побарал доброволно повлекување од функцијата по промената на власта, но предупреди дека, доколку тоа не се случи, новото парламентарно мнозинство ќе преземе конкретни чекори.
Партијата Тиса, според неговите зборови, е подготвена да иницира и уставни измени со цел смена на претседателот, доколку биде неопходно. Ова сценарио, кое подразбира обезбедување двотретинско мнозинство, укажува на длабочината на политичките промени што би можеле да следуваат.
Овие најави дополнително ја зголемуваат неизвесноста не само во унгарскиот политички систем, туку и на европско ниво, имајќи ја предвид улогата на Унгарија во носењето одлуки во рамките на Европската унија, особено кога станува збор за финансиската поддршка за Украина.