Орбан: Заврши една ера, десницата мора да се обнови

По 16 години власт, Орбан призна дека младите гласачи станале најголем предизвик за неговиот политички блок и најави нова фаза за десницата.

Виктор Орбан првпат јавно проговори по заминувањето од власт и порача дека Унгарија влегува во нова политичка фаза, во која десницата ќе мора целосно да се реорганизира. По изборниот пораз од партијата Тиса на Петер Маѓар, со кој заврши неговото 16-годишно владеење, Орбан призна дека е затворена една политичка ера, но најави дека неговиот политички блок нема да исчезне.

Во интервју за унгарскиот весник „Magyar Nemzet“, поранешниот премиер ја бранеше својата политика и тврдеше дека изминатите 16 години биле најуспешниот период во модерниот развој на Унгарија. Тој како свои резултати ги наведе економскиот раст, растот на платите, намалувањето на државниот долг, семејните политики и безбедносниот модел без мигранти.

Орбан призна дека еден од најголемите проблеми за неговата политичка опција е губењето поддршка кај младите гласачи. Според него, токму младата генерација одиграла важна улога во изборниот исход, а политичката култура на младите во Унгарија сè повеќе личи на трендовите во западна Европа. Тој порача дека сега не е потребно само незадоволство, туку „точна дијагноза“, бидејќи погрешната анализа ќе донесе погрешна политика.

Поранешниот премиер повторно ги насочи критиките кон меѓународни актери, обвинувајќи ги Брисел, мрежата на Џорџ Сорос, Украина и мултинационалните компании дека влијаеле врз смената на власта и ја поддржувале новата политичка опција околу Петер Маѓар. Во исто време, тој ги отфрли обвинувањата дека неговата влада ја ограбила државата, тврдејќи дека државниот имот и резервите биле зголемени.

Новата влада на Петер Маѓар веќе најави демонтажа на дел од системот што Орбан го градел со години, особено во медиумската сфера. Reuters објави дека по изборниот пораз почнале сериозни потреси во провладиниот медиумски апарат поврзан со Орбан, додека Маѓар најавува обновување на медиумските слободи и ревизија на државното финансирање на медиумите.

Орбан, пак, најавува дека ќе се фокусира на обновување на десницата и политичкото организирање надвор од директната извршна власт. Според италијанската ANSA, тој веќе признал дека изборниот пораз бил јасен и болен, но и дека неговата партија мора да помине низ „целосна обнова“ ако сака повторно да стане релевантна сила.

е-Трн да боцка во твојот инбокс