Истражувачи на Мајкрософт развија алатка со вештачка интелигенција (ВИ) која при дијагностицирање сложени медицински случаи постигнала повеќе од двојно поголема прецизност од лекарите од примарната здравствена заштита. Ова го покажува истражување објавено во научното списание „Сајенс“, пренесува Ројтерс.
За разлика од постојните системи со вештачка интелигенција, кои најчесто ги анализираат сите достапни податоци за пациентот одеднаш, новата алатка пристапува кон дијагностицирањето чекор по чекор, слично како лекар. Таа самостојно одлучува кои прашања треба да му ги постави на пациентот, кои прегледи и испитувања се потребни и кои треба да бидат следните чекори врз основа на добиените резултати.
Во процесот користи и посебен систем што го насочува дијагностичкиот пристап и ја симулира соработката меѓу лекари од различни специјалности.
Повеќе од двојно попрецизна од лекарите
Истражувачите го тестирале системот врз повеќе од 300 ретки и сложени медицински случаи. Резултатите покажале дека вештачката интелигенција била повеќе од двојно попрецизна од лекарите од примарната здравствена заштита во проценувањето на здравствената состојба на пациентите и поставувањето дијагнози. Лекарите што учествувале во тестирањето имале пристап до медицински учебници и интернет.
Системот постигнал подобри резултати и при анализа на случаи од голема база на податоци за пациенти примени во ургентен центар.
Наместо веднаш да донесе заклучок, алатката постепено собира информации. Најпрво утврдува кои прашања треба да му ги постави на пациентот за неговата медицинска историја и кои прегледи се неопходни. Потоа одлучува кои испитувања треба да се направат, ги анализира резултатите и, доколку е потребно, бара дополнителни тестирања.
Во текот на целиот процес ги преиспитува можните дијагнози и го приспособува планот според новите информации.
Истражувачите посочуваат дека претходните системи со вештачка интелигенција во медицината често биле тестирани со прашања на кои се одговара со избор меѓу понудени опции, а нивните резултати биле споредувани со оние на лекарите. Според нив, таквите тестови не го одразуваат начинот на кој се поставуваат дијагнози во реални услови.
„Вештачката интелигенција стана многу добра во постигнувањето стопроцентна успешност на таквите тестови. Но, се разбира, тоа не е реалниот свет. Никогаш не ми дошол пациент со уредно сумирана медицинска историја“, изјавил д-р Доминик Кинг, потпретседател на одделот за вештачка интелигенција во Мајкрософт, задолжен за здравството.
Неговиот тим ја развива новата технологија, чија цел е да го имитира вистинскиот лекарски процес – од разговорот со пациентот и физичкиот преглед до постепеното собирање и анализирање на медицинските наоди.
Дијагностицирањето со ВИ било и поевтино
Истражувањето покажало и дека дијагностичкиот процес бил поевтин кога планирањето на прегледите и испитувањата го вршел системот со вештачка интелигенција, наместо лекарите.
„Не ја мериме само прецизноста на системот. Мериме и колку промислено и внимателно се пристапува кон дијагностичкиот процес“, изјавила Харша Нори, раководителка на одделот за вештачка интелигенција во здравството во Мајкрософт АИ.
Истражувачите планираат да продолжат со тестирањето на технологијата во соработка со медицинскиот центар „Бет Израел Диконес“ во Бостон. Следниот чекор ќе биде да се провери дали системот може успешно да ја проценува итноста на здравствената состојба на пациентите што чекаат преглед во ургентен центар.
Резултатите од досегашното тестирање се ветувачки, но сами по себе не значат дека системот е подготвен да ги замени лекарите во секојдневната клиничка практика. За неговата примена ќе биде важно да се утврди како функционира во реални здравствени услови и колку сигурно ги препознава случаите во кои е неопходна итна медицинска интервенција.
