Лидерката на француската крајна десница, Марин Ле Пен, би освоила 70 отсто од гласовите во вториот круг од претседателските избори во 2027 година доколку нејзин противкандидат биде лидерот на левицата, Жан-Лик Меланшон. Ова го покажува анкетата на агенцијата „Харис интерактив“, спроведена за телевизијата М6 и радиото РТЛ.
Според истражувањето, спроведено по протестите и насилството на 17 октомври, Меланшон би се пласирал во вториот круг во сите испитани сценарија, но во него би претрпел убедлив пораз од Ле Пен.
Во првиот круг Ле Пен би освоила меѓу 33 и 35 отсто од гласовите, додека поддршката за Меланшон би се движела меѓу 17 и 19 отсто. Поранешниот премиер Едуар Филип би добил меѓу 13 и 16 отсто, а европратеникот и основач на партијата „Јавно место“, Рафаел Гликсман, меѓу 12 и 14 отсто од гласовите.
Доколку во вториот круг се соочи со Филип, Ле Пен би освоила 57 отсто од гласовите, наспроти неговите 43 отсто. Во дуел со Гликсман, таа би добила 59 отсто, а нејзиниот противкандидат 41 отсто.
Анкетата покажува и дека поддршката за Габриел Атал, уште еден кандидат од политичкиот центар, би изнесувала меѓу пет и 11 отсто во првиот круг.
Од другите кандидати, Давид Лиснар би освоил меѓу седум и осум отсто од гласовите, додека сенаторот Бруно Ретајо од Републиканската партија би добил меѓу четири и пет отсто.
Според резултатите, предноста на Марин Ле Пен пред Меланшон во вториот круг е зголемена за три процентни поени во споредба со претходната анкета, објавена на почетокот на октомври. Истражувањето укажува и на ограничена поддршка за Меланшон од гласачите на другите кандидати во вториот круг, што би можело дополнително да влијае врз неговиот резултат.
Сепак, како и секое истражување на јавното мислење, анкетата претставува пресек на расположението на гласачите во моментот кога е спроведена и не треба да се смета за прогноза на конечниот изборен исход.
