Општина Дојран бара организатор за „Дојранско културно лето“ – два месеци културна и забавна програма во летната сезона

Општина Дојран објави јавен повик за избор на организатор на „Дојранско културно лето“, манифестација која ќе трае два месеци и ќе понуди културно-забавна програма на повеќе локации во Стар Дојран.

Општина Дојран објави јавен повик за избор на организатор на културна манифестација која ќе обезбеди богата културно-забавна програма во текот на летната сезона. Станува збор за „Дојранско културно лето – Дојрански ракувања“, кое е предвидено да трае околу два месеци, во јули и август.

Во јавниот повик објавен на веб-страницата на општината е наведено дека се бара заинтересирано правно лице или здружение на граѓани со кое ќе биде склучен меморандум за соработка за организација на настанот. Настаните ќе се одржуваат на три локации во Стар Дојран – летната сцена под јаворите во центарот на градот, амфитеатарот, како и на паркингот пред недоизградениот објект на „Гранит“, локација која претходно беше користена за фестивалот „Д-фестивал“.

Организаторот ќе има обврска да подготви детална програма на настани, а од кандидатите се бара и доказ дека во последните две години имаат искуство во организирање културно-забавни манифестации. Иако Општина Дојран нема да обезбеди директно финансиско учество, ќе овозможи бесплатно користење на јавните површини, како и инфраструктурна поддршка за реализација на настаните.

Целта на манифестацијата е збогатување на летната туристичка понуда и привлекување поголем број посетители во Дојран во текот на летните месеци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс