Онкологија по невремето: Нема радијација, пациентите се безбедни, третманите продолжија без прекин

Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија соопшти дека по вчерашното невреме нема никаква опасност од радијација, а сите пациенти се безбедни. По извршените проверки, терапиите продолжиле непречено.
(Фото: К. Попов)
(Фото: К. Попов)

Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија соопшти дека нема никаква опасност за пациентите и медицинскиот персонал по вчерашното невреме во Скопје, откако во јавноста се појавија информации за наводен радијациски ризик поради поплавување на дел од одделението за радиотерапија.

Од Клиниката информираат дека обилните врнежи предизвикале протекување на вода во делот каде што се наоѓа Одделот за радиотерапија. Како мерка на претпазливост, апаратите за радиотерапија биле привремено исклучени, по што биле спроведени сите неопходни технички и безбедносни проверки.

По санирањето на проблемот, просториите биле целосно исчистени и дезинфицирани, а овластени стручни лица извршиле детален технички преглед на апаратите. Според Клиниката, не биле констатирани никакви оштетувања или неисправности, по што радиотерапевтските третмани продолжиле без прекин.

Во однос на просторијата во која се спроведува терапија со радиоактивен јод, од Клиниката појаснуваат дека поради забележаното протекување пациентите веднаш биле преместени во друга соодветна просторија во рамките на установата. Во координација со Институтот за нуклеарна медицина и Дирекцијата за радијациона сигурност биле извршени детални мерења, кои потврдиле дека нема радиоактивна контаминација.

Од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија потенцираат дека состојбата е целосно стабилизирана и дека здравствените услуги се одвиваат непречено, без да биде доведена во прашање безбедноста на пациентите и вработените.

е-Трн да боцка во твојот инбокс