По четири години активни настапи, регионални гостувања и градење на својот препознатлив авторски израз, Дина Јашари ова лето и есен ја започнува својата прва поголема концертна турнеја низ Македонија. Популарната македонска кантавторка ќе настапи во седум градови низ земјата, носејќи го својот актуелен концертен репертоар пред домашната публика.
Турнејата започнува вечерва во Кочани, каде Јашари ќе настапи во Паркот на Револуцијата, во чест на празникот Петровден. Настапот во Кочани доаѓа по нејзиниот успешен концерт како предгрупа на легендарниот британски бенд „Дјуран Дјуран“, со што дополнително се потврди нејзината позиција како едно од најинтересните имиња на новата македонска музичка сцена.
Седум градови, седум концертни вечери
По Кочани, турнејата продолжува со следните настапи:
- 23 јули – Виница
КУЛ96, по повод 20 години од постоењето на просторот - 25 јули – Кичево
Китино Кале, во рамки на манифестацијата „Град на културата“ - 5 август – Струга
Фестивал „Дрим Шорт“, Парк на поезијата - 20 август – Битола
Платото на Офицерски дом, во рамки на програмата на „БитФест“ - 4 септември – Вртешка
Планинарски дом Вртешка, во рамки на фестивалот „Интердисциплинарни активности – Вртешка“ - 17 септември – Штип
Дом на млади
Концертите во Битола и Штип се реализираат со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Дина Јашари – еден од највпечатливите нови гласови на македонската сцена
Во изминатите години, Дина Јашари и нејзиниот бенд континуирано настапуваат низ Македонија и регионот, создавајќи препознатлив концертен стил и градејќи публика на сцените низ поранешна Југославија.
Нејзиниот албум „Растенија без корен“ беше одлично прифатен од публиката и критиката во Македонија и регионот, а со својот музички сензибилитет, зрелост и силен авторски печат, Јашари се наметна како еден од најзначајните гласови на новата домашна музичка сцена.
Со оваа турнеја, таа отвора ново концертно поглавје, со поголем фокус на македонската публика и градовите низ земјата, по години интензивно градење на своето име на домашната и регионалната сцена.
Летото на Дина Јашари ќе биде во знакот на музика, патување и директна средба со публиката низ Македонија.