Search

ОOН предупредуваат: Глечерите се топат со голема брзина, расте нивото на океаните

Глечерите се топат со спектакуларна брзина и ништо не може да го запре тој процес, а висината на морињата расте и тоа повеќе од двократно побрзо во однос на мерењата од 1993 до 2022 година, предупредуваат Обидинетите нации.

Пред одбележувањето на Денот на планетата земја (22 април) Светската метеоролошка организација го објави годишниот извештај за состојбата со светската клима, промените кои се случиле на планетарно ниво, а кои се производ на, како што наведуваат, рекордните ефекти на стаклена градина.

Во извештајот се наведува дека просечната температура на планетата во 2022 година била за 1,15 степени Целзиусови повисока отколку во прединдустрискиот период 1850-1900 година.

Изминатите осум години беа најтопли од почетокот на мерењата на планетата и покрај ладењето предизвикано од климатскиот феномен Ла Ниња три години по ред, пренесува AFP.

Светот би можел да сруши нов рекорд на просечна температура во 2023 или 2024 година поради климатските промени и очекуваното затоплување поради враќањето на Ел Нињо, предупредуваат климатолозите.

Според Светската метеоролошка организација, „морскиот мраз кај Антарктикот го достигна најниското ниво досега забележано, а топењето на некои европски глечери буквално собори рекорди“.

„Веќе изгубивме кога станува збор за глечерите бидејќи концентрацијата на CO2 е веќе многу висока и постои ризик нивото на морето да продолжи да расте следните неколку илјади години“, изјави за AFP главниот адвокат на WMO, Петери Талас.

Топењето на глечерите не може да се запре „освен ако не се најде начин да се отстрани CO2 од атмосферата“, рече Талас.

Референтните глечери се стопија многу повеќе од просекот во последните десет години. Од 1970 година, тие се стопиле за речиси 30 метри.

Европските Алпи, исто така, соборија рекорди кога станува збор за топење на глечерите поради комбинацијата на слаби снежни врнежи, доаѓањето на сахарска прашина во март 2022 година и топлотните бранови од мај до почетокот на септември.

Состојбата со швајцарските глечери е особено драматична. Тие изгубија 6 отсто од нивниот волумен помеѓу 2021 и 2022 година, а од 2001 до 2022 година, дури една третина. Летото првпат не го преживеа снегот, дури и на највисоките локации каде што се прават мерења, а немаше акумулација на свеж мраз.

Нивото на морето и топлината на океаните исто така достигнаа рекордни нивоа

Глобалното ниво на морето се зголемува повеќе од двојно побрзо отколку во првата деценија на мерењата од 1993-2002 година, а минатата година беше поставен нов рекорд.

Водите се зголемувале во просек за 4,62 милиметри годишно од 2013 до 2022 година. Вкупниот пораст од почетокот на 1990-тите, според извештајот на ОН, е повеќе од 10 сантиметри, пренесува Ројтерс.

Сушата, поплавите и топлотните бранови зафаќаат големи делови од светот и поради тоа трошоците на економиите не престануваат да растат. Топлотните бранови однесоа 15.000 човечки животи во Европа минатата година.

„Емисијата на стакленички гасови не престанува да расте, климата продолжува да се менува и населението на целиот свет е сериозно погодено од екстремни метеоролошки и климатски феномени“, предупреди Талас.

Талас нагласи дека „таа негативна тенденција на метеоролошките услови и сите тие параметри може да продолжи до 2060-тите, без разлика на нашиот успех во ублажувањето на климатските промени“.

„Веќе испуштивме толку многу CO2 во атмосферата што ќе бидат потребни неколку децении за да се запре оваа негативна тенденција. Поразени сме кога станува збор за топењето на глечерите и подигнувањето на нивото на морето, така што тоа е лоша вест“, рече тој.

Има надеж затоа што, пред сè, зелените енергии стануваат поевтини од фосилните горива, рече Талас, посочувајќи дека планетата повеќе не се движи кон затоплување од 3 до 5 степени Целзиусови, како што беше предвидено во 2014 година, туку проценката е намалена на 2,5 до 3 Целзиусови степени.

„Во најдобар случај, сепак би можеле да постигнеме затоплување од 1,5 степени, што би било најдобро за доброто на човештвото и биосферата и светската економија“, рече Талас, додавајќи дека 32 земји ги намалиле емисиите на стакленички гасови без да се одрази на растот на нивните економии.

„Државите се засилија, како и приватниот сектор“, рече тој.

Од друга страна, тој изрази жалење што само половина од 193 земји-членки на ОН имаат системи за рано предупредување.

Најново

Последни колумни