Од медали до вредности – Олимпискиот ден е повеќе од спорт: МOK повикува на заедништво, фер-плеј и поддршка за младите

По повод Меѓународниот олимписки ден, Македонскиот олимписки комитет порача дека спортот не е само резултат, туку алатка за развој на младите, фер-плеј и општествена кохезија.

Во време кога спортот станува сè поголем бизнис, а вниманието најчесто е насочено кон резултатите, медалите и финансиските ефекти, Меѓународниот олимписки ден останува потсетник на вредностите врз кои е изградено олимпиското движење. По повод 23 Јуни, Македонскиот олимписки комитет порача дека олимписките идеали и денес имаат важна улога во градењето на младите генерации и во развојот на општеството.

Од Комитетот велат дека иако комерцијализацијата е реалност која го поттикнува развојот на спортот, не смее да се заборави неговата суштина.

„Во ера кога спортот прерасна во огромна глобална индустрија, каде што фокусот често се става исклучиво на профитот и резултатот по секоја цена, Меѓународниот олимписки ден и олимписките вредности се нашиот најважен компас. Тие нè враќаат на основите. Иако комерцијализацијата е реалност која го поттикнува развојот, ние не смееме да заборавиме дека во центарот на сè останува човекот“, наведуваат од Македонскиот олимписки комитет.

Оттаму потсетуваат дека неодамна и Меѓународниот олимписки комитет го надгради историскиот слоган со зборот „заедно“.

„Не случајно Меѓународниот олимписки комитет неодамна го надгради историскиот слоган додавајќи еден клучен збор: „Побрзо, повисоко, посилно – ЗАЕДНО“. Токму тоа „заедно“ е нашиот одговор на предизвиците и самата суштина на кроссекторската соработка.“

Според Комитетот, Олимпискиот ден не е само симболично одбележување, туку потсетник дека спортот е тесно поврзан со сите општествени сфери.

„Олимпискиот ден за нас не е само церемонија, туку потсетник дека спортот не функционира во вакуум. За да ја придвижиме државата напред, неопходно е заедничко и стратешко дејствување помеѓу Олимпискиот комитет, државните институции, бизнис заедницата и граѓанскиот сектор.“

Во пораката се повикуваат и на мислата на основачот на модерните Олимписки игри, Пјер де Кубертен.

„Како што мудро рекол Пјер де Кубертен, суштината е добро да се бориме, а тоа денес значи преку синергија да креираме одржливи политики и култура на фер-плеј, која ќе донесе реален импакт за целото општество.“

Вредностите се градат од најрана возраст

Од Македонскиот олимписки комитет сметаат дека олимписките вредности и понатаму се присутни кај младите спортисти, иако современото општество често промовира брз успех и силна конкурентност.

„Современото општество често им наметнува на младите искривена слика за брз успех и токсична конкурентност, но одговорно тврдам дека изворните вредности се сè уште силно присутни меѓу нашите млади таленти.“

Сепак, од Комитетот предупредуваат дека извонредноста, почитта и пријателството не се развиваат сами по себе.

„За да изградиме здраво и прогресивно општество во државата, овие вредности мора да бидат вкоренети од најрана возраст, пред сè преку нивна формална интеграција во образовните курикулуми.“

Во таа насока, велат дека Македонскиот олимписки комитет активно работи на создавање услови за развој на младите спортисти.

„Македонскиот Олимписки Комитет не е само набљудувач, туку активен креатор на промени кој работи на градење капацитети.“

Како дел од тие активности, континуирано се доделуваат олимписки стипендии за младите спортисти, со цел да им се обезбеди финансиска стабилност и можност за развој без дополнителен егзистенцијален притисок.

Покрај тоа, се реализираат програми за едукација за антидопинг и фер-плеј, како и Олимписките курсеви за напреден менаџмент преку кои се инвестира во унапредување на спортската администрација.

Од Комитетот посочуваат и дека работат на дигитализација и воспоставување централизирани системи кои ќе го намалат бирократскиот товар врз спортските федерации.

„Со тоа им ослободуваме простор на спортските работници да се фокусираат исклучиво на развојот на спортистите и подобрување на инфраструктурните услови.“

Крајната цел, додаваат, е создавање не само успешни спортисти, туку и одговорни граѓани.

„Ние работиме на градење систем кој не создава само шампиони на теренот, туку гради млади луѓе кои преку спортот учат како достоинствено да победуваат и како да решаваат конфликти – млади кои утре ќе бидат лидери, иноватори и одговорни граѓани.“

Спортот како двигател на заедништвото

Меѓународниот олимписки ден традиционално се одбележува со масовни спортски активности наменети за сите граѓани.

„Овој ден традиционално го одбележуваме преку масовни спортски активности кои не познаваат граници – ниту возрасни, ниту професионални. Сакаме да го доближиме спортот до секој граѓанин.“

Од Комитетот нагласуваат дека олимпизмот е многу повеќе од спортски натпревари.

„Олимпизмот е моќен катализатор за хармоничен развој, промоција на мирот и зачувување на човечкото достоинство во нашата држава.“

Пораката до јавноста, велат, е едноставна и јасна.

„Патот кон успехот бара партнерство помеѓу традиционалните идеали и модерното дејствување. Движете се, бидете активни и почитувајте се меѓусебно!“

Од Комитетот предупредуваат дека без широка база на рекреативци и деца вклучени во училишниот спорт, не може да се очекува создавање идни олимпијци и силни спортски институции.

„Секој родител што ќе го однесе своето дете на игралиште денес, секој наставник што ќе промовира фер-плеј и секоја институција што ќе подаде рака за соработка, прави мал, но суштински чекор за олимпиското движење.“

Пораката за крај е 23 Јуни да биде поттик за новите генерации спортисти.

„Нека овој 23 јуни биде искрата што ќе инспирира нови македонски спортски херои, потврдувајќи ја нашата заедничка визија за подобра, поуспешна и пообединета држава.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс