ОКТА воведува попуст од 2 денари за бензините во следните две недели

Во периодот од 2 до 16 јуни ОКТА ќе одобрува попуст од 2 денари по литар за бензините од 95 и 98 октани. Од компанијата велат дека мерката е дел од напорите за ублажување на влијанието од глобалните ценовни движења врз домашниот пазар на горива.

ОКТА АД – Скопје најави привремен попуст од 2 денари по литар за бензините од 95 и 98 октани, кој ќе важи во периодот од 2 до 16 јуни 2026 година. Одлуката, како што информира компанијата, е донесена поради актуелните движења на меѓународниот пазар на нафта и горива, како и во рамки на континуираната комуникација со Владата.

Мерката е дел од серијата активности што ОКТА ги спроведува од март годинава со цел да се ублажат последиците од нестабилноста на светските пазари врз домашниот пазар на горива и врз трошоците на потрошувачите.

Попустот ќе се однесува на трговците кои набавуваат бензин од ОКТА и вршат продажба на големо и мало. Компанијата посочува дека со ова им овозможува на дистрибутерите и бензинските станици да ја пренесат поддршката кон крајните корисници преку пониски цени на горивата.

Сепак, крајните малопродажни цени ќе продолжат самостојно да ги утврдуваат трговците, согласно нивните деловни политики и пазарните услови.

Од компанијата наведуваат дека вкупниот придонес за поддршка на домашниот пазар преку досега преземените мерки се очекува да надмине 7 милиони евра. Воедно, ОКТА нагласува дека останува посветена на обезбедување сигурно и непречено снабдување со горива, како и на зачувување на стабилноста на синџирот на снабдување во земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс