Вкупно 16 пливачи, од кои 11 во машка и пет во женска конкуренција, денеска пливаат на 39. Охридски пливачки маратон. На 25 километри долгата патека „Климе Савин“, од манастирот Свети Наум до Градското пристаниште во Охрид, ќе се натпреваруваат маратонци од осум земји. Македонските бои во езерските води ги бранат четворица натпреварувачи.
На патеката настапуваат пливачи од Македонија, Србија, Турција, Канада, Италија, Шпанија, Португалија и Аргентина.
Македонската четворка ја сочинуваат Александар Илиевски, Петар Цеков, Леонид Мишевски и Росана Гошева.
Во машка конкуренција настапуваат уште осум пливачи: Матеа Видовиќ од Србија, Умит Кемал Џенгиз од Турција, Филип Лакас од Канада, Италијанците Алесио Окипинти и Николо Ричарди, шпанските претставници Енеко Саезмиера и Даниел Понсе Хименез, како и Кристијано Карамело Сантос од Португалија.
Кај жените, покрај Гошева, на патеката се и Елена Лионело од Италија, Милица Љубисављевиќ од Србија, како и Рита Ванеса Гарсија и Мајте Ајлен Пука од Аргентина.
Стартот на трката е закажан во 11 часот од Свети Наум. Првите пливачи се очекуваат на целта кај Градското пристаниште во Охрид по околу пет часа пливање, во зависност од временските услови и брановите на езерото.
Секој натпреварувач има обезбеден пратечки пловен објект, согласно правилата и пропозициите на Светската федерација за водени спортови (ФИНА).
Вкупниот награден фонд на годинашниов маратон изнесува 15 илјади долари. Наградите ќе бидат поделени меѓу најуспешните во машка и во женска категорија.
Технички организатор на манифестацијата е Пливачкиот клуб „Охридски бранови 2008“ од Охрид. Покровители и поддржувачи на настанот се Општина Охрид, Министерството за спорт, Агенцијата за млади и спорт, Претседателот на државата и Националната пливачка федерација.
Охридскиот пливачки маратон има корен во 1954 година, кога за првпат се пливаше делницата од Горица до Охрид. Во 1962 година беше совладана и 36-километарската патека Пештани – Струга – Охрид, со што започна ерата на големиот езерски маратон.
По обновата на традицијата во 1992 година, трката се одвива на рутата именувана по доајенот Климе Савин. Оваа делница првично беше долга 30 километри, пред да се утврди на денешните 25 километри.
Рекордер на охридската патека со 11 победи останува бугарскиот пливач Петар Стојчев. Првата македонска победа во современиот формат ја донесе Евгениј Поп Ацев во 2015 година, а следната 2016 година триумфираше Томи Стефановски.