Ограничена брзината на возовите од 11 до 17 часот поради екстремните температури

Шините се шират на пеколното сонце, па композициите низ земјава превентивно ќе возат со најмногу 50 километри на час.

Поради високите летни температури денеска е воведено превентивно ограничување на брзината во железничкиот сообраќај, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи – Град Скопје. Сообраќајот на пругите се одвива редовно, но во периодот од 11 до 17 часот брзината на движење на возовите е сведена на најмногу 50 километри на час за да се спречат деформации и инциденти.

Главната причина за ваквата мерка е директното физичко влијание на сончевото зрачење врз металната конструкција на пругите. При екстремно високи температури доаѓа до ширење на челичните шини, што значително го зголемува ризикот од нивно искривување и деформација под притисок на тешките железнички композиции.

Возењето со приспособена брзина до 50 километри на час овозможува поголема контрола, го намалува оптоварувањето врз шините и ја гарантира безбедноста на патниците и товарниот транспорт во најкритичните часови од денот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс