Од падот на настрешницата до изборите, како студентите ја кренаа Србија против Вучиќ

Речиси две години по трагедијата во Нови Сад, Србија денес гласа на предвремени парламентарни избори. Студентското движење до нив стигна преку блокади, маршеви и масовни собири, соочено со напади, приведувања и кампања на дискредитација.
Завршен собир на студентското движење пред изборите 2026 во Србија
Фото: Реља Јарковачки

Веднаш откако на 1 ноември 2024 година падна настрешницата на железничката станица во Нови Сад, започна и борбата на семејствата и граѓаните да дознаат кој е одговорен. Речиси две години подоцна, барањето за правда ја доведе Србија до избори на кои студентското протестно движење настапува со своја листа. Денес, на 25 октомври ќе се види колку од поддршката на улиците може да се претвори во гласови.

Во меѓувреме падна влада, стотици илјади граѓани излегоа на протести, а студенти пешачеа низ земјата и стигнаа до европските институции. Власта одговараше со ветувања, контрамитинзи и обвинувања за странски заговор. Нападите врз демонстрантите и помилувањата за обвинетите напаѓачи дополнително го продлабочија незадоволството.

Ноември 2024: трагедијата и првите обиди да се избегне одговорноста

Настрешницата се урна на 1 ноември, во 11:52 часот. Тој ден загинаа 14 луѓе, а уште двајца од повредените починаа подоцна. Конечниот биланс достигна 16 жртви.

Станицата беше реконструирана и свечено отворена само неколку месеци претходно. Министерот Горан Весиќ и Вучиќ тврдеа дека настрешницата не била реконструирана. Стручњаци ги оспоруваа тие тврдења, а јавноста бараше документација за работите и одговор на прашањето кој дозволил станицата да се користи. Весиќ поднесе оставка, но протестите продолжија.

22 ноември: нападот што ги покрена факултетските блокади

Студенти и професори на белградскиот Факултет за драмски уметности беа нападнати додека со молк им оддаваа почит на жртвите. Меѓу напаѓачите, според наводите наведени и во комуникацијата на експерти на ОН со српските власти, имало членови на владејачката партија и јавни функционери.

Следуваа факултетските блокади. Студентите бараа целосна документација за реконструкцијата, процесуирање на напаѓачите, повлекување на неоснованите обвиненија против демонстрантите и 20 проценти повеќе средства за високото образование. Одлуките ги носеа на пленуми, без издвоен лидер. На блокадите почнаа да им се придружуваат и други факултети.

Зимата 2024/2025: улиците се полнат, премиерот заминува

На 22 декември на белградска Славија се собраа меѓу 100.000 и 102.000 луѓе, според Архивата на јавни собири. Со студентите застанаа земјоделци, актери, здравствени работници и граѓани од различни генерации.

По јануарската блокада на Автокоманда, студенти во Нови Сад беа нападнати додека лепеле протестен материјал. На една студентка ѝ беше тешко повредена вилицата. На 28 јануари оставки поднесоа премиерот Милош Вучевиќ и градоначалникот Милан Ѓуриќ.

Студентите продолжија. Пешачеа од Белград до Нови Сад, а потоа и кон Крагуевац. Граѓаните ги пречекуваа по патот, а таксисти ги враќаа дома по собирите. На 15 февруари, додека студентите протестираа во Крагуевац, Вучиќ одржа митинг во Сремска Митровица и прогласи дека ја победил „обоената револуција“.

EPA

Март: Ќациленд како одговор на студентите

На 6 март во Пионирскиот парк, пред Претседателството, беше поставен кампот на „Студентите што сакаат да учат“. Бараа прекин на блокадите и враќање на наставата. Просторот набргу стана познат како „Ќациленд“, според графитот во кој зборот „ѓаци“ бил погрешно напишан со српското „ћ“.

Кампот остана со месеци и се прошири кон Собранието. Медиумите документираа присуство на партиски приврзаници и лица со криминални досиеја. Просторот беше ограден и обезбедуван, со ограничен пристап и полициска заштита. За демонстрантите стана видлива слика на режимскиот одговор: во центарот на Белград, покрај највисоките државни институции, опстојуваше камп чија заштита ја обезбедуваше државата.

15 март: стотици илјади во Белград

На најмасовниот протест се собраа меѓу 275.000 и 325.000 луѓе, според Архивата на јавни собири. Полицијата процени 107.000.

Собирот го одбележа и инцидентот за време на комеморативниот молк, по кој се појавија сомнежи за употреба на звучно оружје. Властите негираа. Европскиот суд за човекови права подоцна побара Србија да спречи употреба на звучни уреди за контрола на толпа, освен за комуникација. Судот нагласи дека привремената мерка не утврдува дали такво оружје било употребено на протестот.

Пролетта 2025: барањето за правда станува барање за избори

Студентите со велосипеди стигнаа до Стразбур, а штафетни тркачи тргнаа кон Брисел за да ги претстават барањата пред европските институции.

На 5 мај побараа предвремени парламентарни избори. Оценија дека власта не покажува иницијатива да ги исполни нивните барања. Со ова започна подготовката за политичка борба во која студентите постепено ќе изградат сопствена изборна листа.

Летото 2025: судири, напади и помилувања

Видовденскиот протест на 28 јуни собра околу 140.000 луѓе, според Архивата на јавни собири. Следуваа судири со полицијата.

Неколку дена подоцна Вучиќ ги помилува четворицата активисти на СНС обвинети за јануарскиот напад врз студентите во Нови Сад. Со претседателската одлука беа ослободени од кривично гонење за нападот по кој Вучевиќ поднесе оставка.

Во август насилството се прошири. Во Врбас и Бачка Паланка демонстранти беа нападнати со пиротехника, камења и шишиња од групи поврзани со власта, според анализата на Центарот за источни студии, ОСВ. Следуваа судири во повеќе градови. Анализата бележи и полициска пасивност кон провладините групи и употреба на сила против демонстрантите.

Една година подоцна: протестите опстојуваат

На 1 ноември 2025 година во Нови Сад се собраа околу 110.000 луѓе. Годишнината повторно ги врати жртвите и неутврдената одговорност во средиштето на протестот. На крајот од декември студентите собраа речиси 400.000 потписи за предвремени избори за еден ден, според ОСВ.

Движењето продолжи и во 2026 година, со посети на помали места и подготовка за изборно организирање. Во мај, Славија повторно беше исполнета со меѓу 180.000 и 190.000 луѓе, според Архивата на јавни собири.

Септември и октомври 2026: студентската листа влегува во изборите

На 9 септември беа распишани изборите за 25 октомври. Шест дена подоцна беше прогласена листата „Студентска листа, студентите победуваат“, со 250 кандидати. Вучиќ во септември се повлече од претседателската функција за да се кандидира за премиер.

Кампањата се одвиваше со предупредувања за нерамноправни услови. ЦРТА посочи притисоци врз вработени, злоупотреба на јавни ресурси и медиумска доминација на Вучиќ. Студентите подготвуваа и набљудувачи за гласачките места.


Од првите минути молк до денешното гласање, студентите успеаја да создадат и одржат движење што власта повеќепати го прогласуваше за завршено. На изборите влегуваат со поддршка градена на факултетите, на улиците и во непосредните средби низ Србија. Барањето поради кое започнаа сè уште чека одговор: кој ќе понесе одговорност за Нови Сад?

е-Трн да боцка во твојот инбокс