Зимското сметање на времето почна ноќеска, меѓу 24 и 25 октомври. Во 3 часот по полноќ стрелките на часовниците се поместија еден час наназад, па времето повторно се сметаше како 2 часот.
Со промената на времето, наутро ќе се разденува порано, но и попладне порано ќе се стемнува. Зимското сметање на времето се применува од последниот викенд во октомври до последниот викенд во март, кога повторно почнува летното сметање на времето.
И покрај повеќегодишните иницијативи за укинување на сезонското менување на времето, оваа практика сè уште е во сила во Северна Македонија и во голем број европски земји. Меѓу европските земји што не го менуваат времето се Исланд, Русија и Белорусија.
Европскиот парламент во март 2019 година изгласа предлог за укинување на сезонското поместување на часовниците, со првично планирана примена од 2021 година. Сепак, Советот на Европската Унија сè уште нема донесено конечна одлука за ова прашање.
Сезонското менување на времето се применува и во делови од Северна и Централна Америка, како и во други земји во светот. Во Јапонија, Кина и Јужна Кореја, како и во повеќето африкански земји, часовниците не се поместуваат сезонски.
