Огнот кај Долани е изгаснат, надлежните ќе проверуваат дали бил подметнат

Во гаснењето учествувале пожарникари од Штип и Радовиш, доброволци, механизација, трактори и авион на Дирекцијата за заштита и спасување.
Фото: Пожарникари Струмица

Пожарот што вчера попладне избувна во атарот на штипското село Долани е ставен под контрола и целосно изгаснат, по речиси пет часа интервенција на противпожарните екипи, доброволци, локалното население и надлежните служби.

Огнот зафатил сува трева, стрништа и нискостеблеста шума, а поради опасноста да се доближи до селото, на терен биле испратени повеќе екипи и механизација.

Според информациите од Регионалниот центар за управување со кризи – Штип, пожарот бил пријавен вчера во 15:05 часот. На терен веднаш интервенирале екипи на ТППЕ-Штип со четири противпожарни возила и 15 пожарникари.

Во гаснењето се вклучиле и два тима од Доброволното противпожарно друштво од Штип, со две возила и шест доброволци. Помош дала и механизација од ЈП „Стипион“, како и четири трактори кои направиле заштитен појас за да се спречи ширење на огнот кон селото.

Поддршка пристигнала и од ТППЕ-Радовиш, со едно противпожарно возило и оператор на дрон. Од воздух интервенирал и авион на Дирекцијата за заштита и спасување, кој извршил две исфрлања вода врз опожареното подрачје.

На местото на пожарот била присутна и екипа на полицијата од Штип.

Еден мештанин, кој се здобил со полесни повреди додека помагал во гаснењето, тврдел дека пожарот бил намерно подметнат од две засега непознати лица, кои по избувнувањето на огнот избегале од местото.

Пожарот бил целосно изгаснат во 20:30 часот, по што сите ангажирани екипи се повлекле од терен.

Надлежните институции треба да ги утврдат причините за избувнувањето на пожарот и да ги проверат наводите дека станува збор за намерно подметнат оган.

е-Трн да боцка во твојот инбокс