Search

Огледалце, огледалце мое, кажи на светот најслаба која е?

“Внимавај, ти си девојче, треба да одржуваш линија. Кој ќе те сака дебела?’ Не’ учат од мали дека љубовта може да ја заслужиме само ако сме слаби. Ние ќутиме и се срамиме, се мразиме за секој залак. „Сакај се себе за да те сакаат другите“, ама имаш право да се сакаш само ако си стереотипично згодна. Е ако не си, тогаш љубовта кон себе ќе ти се признае само ако си комплетно посветена и работиш да станеш. Вака со генерации ги растеме девојчињата кои својата вредност ја сведуваат на бројката на вагата и кои во основниот извор за преживување – храната гледаат најголем непријател.  

Мојата нескриена љубов кон храната си ја негувам уште од дете, па секогаш сум била дебелото во фамилија. Во цутот на развивање свест за своето јас, кое во средношколските денови најчесто и не ти се допаѓа, посакувам некој да ми кажеше дека постои и здрав начин да се прифатам себе и да го сменам она што не ми се допаѓа. Наместо тоа, јас решив дека опсесивно ќе почнам да бројам калории и да јадам три пати неделно. Во моментот бев во полетта на невозвратената љубов, па не обрнав премногу внимание што всушност правам. Симпатијата брзо ми помина, а јас останав сама да се справувам со себе. Како се враќаш назад на што и да е нормално после месеци прегладнување? Ништо не е нормално после тоа. Телото се плаши од тебе, на што си спремна наредно да му направиш само за да бидеш слаба? Губиш контрола и заглавуваш во маѓепсан круг на прејадување и прегладнување. Нема средина, не постои нормална количина храна, постојат само нездрави награди и брутални казни. Се будиш и заспиваш со помислата на храна, разбираш како им е на зависниците од дрога. 

Проблемите и нарушувањата во исхраната се комплексни ментални заболувања кои доведуваат до развивање нездрави навики и однос кон храната, и генерално се манифестираат како неконтролирано прејадување и прегладнување, тенденциозно повраќање на оброците, опсесивно броење калории итн. Сето ова најчесто резултира во многу посериозни последици како кардиоваскуларни, гастроинтестинални, хормонални и слични заболувања. Покрај физичкото, нарушувањата во исхраната најчесто создаваат телесна дисморфија, односно комплетно дисторзирана слика за реалниот изглед на жртвата. 

Додека молчев за мојот проблем мислев дека сум сама во тоа низ кое поминувам, но кога почнав да зборувам отворено, сфатив декa загрижувачки многу се соочуваат со истото. Она што го прави проблемот уште поголем е дека ретко се адресира како таков, најчесто само се нормализира и оправдува зад превезот на “здравјето„ и поголемата цел да се изгледа добро како едно од најголемите лични достигнувања. Заради ова постои огромна дискрепанца помеѓу реалноста и статистиката на дијагностицирани и забележани лица кои страдаат од нарушување во исхраната. Не само што не постои адекватна статистика, туку често воопшто и нема никакви истражувања на темата. Едно од ретките истражувања спореведено во Велика Британија говори дека кај младите од 11 до 16 години се забележани 12.9% проблеми со исхраната, кои нагло растат на 60.3% меѓу 17 до 19 годишните. Драстично попогодени се девојчињата наспроти момчињата, но сепак и кај нив се развиваат токсични односи кон храната. Додека меѓу девојчињата постои притисокот да бидеме што послаби и поминијатурни, кај момчињата е најчесто обратното. Односно, во обидот да бидат фит и мускулести, развиваат опсесивни навики и однос кон одредени типови на храна кои ја помагаат таа цел. 

Токму во моментов слушнав дека меѓу средношколките низ скопските гимназии е популарна апликација која ги “наградува и им аплаудира“ на девојчињата за што помалку внесени калории, и дозволува оформување на цела една заедница млади кои се поддржуваат меѓу себе во сопствената себедеструкција. Време е да почнеме погласно да зборуваме за ова и да разбереме дека станува збор за проблем кој може да доведе до сериозни последици. Време е да почнеме да емпатизираме со жртвите кои се справуваат со нарушување во исхраната, наместо да им ја банализираме борбата. Време е да почнеме да учиме како да се грижиме за себе вистински и да побараме помош кога ни е потребна, а не да се мразиме и самоуништуваме во протест. 

Авторката е студентка по меѓународно право и односи и активистика во студентски движења

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни