Одлука за живот по смртта: Личната волја станува клучна за дарување органи

Полнолетните граѓани ќе можат однапред да се изјаснат дали сакаат по смртта да бидат дарители на органи. Новите законски измени имаат цел да го зголемат бројот на трансплантации и да ја стават личната волја пред семејните дилеми.

Органодарителството во Македонија добива нов импулс со најавените законски измени според кои секој полнолетен и деловно способен граѓанин ќе може однапред да се изјасни дали сака по смртта да биде дарител на органи. Изјавата ќе се дава кај матичен лекар и ќе биде евидентирана во националниот електронски здравствен систем.

Целта на промените е одлуката за дарување органи да ја донесе самиот граѓанин додека е жив, наместо таа да остане исклучиво на семејството во момент на голема загуба и емоционален товар. Според најавите, личната волја на дарителот ќе има предност и ќе може во секое време да биде изменета или повлечена.

Во земјава потребата од трансплантации е значително поголема од бројот на достапни донатори, а многу пациенти со години чекаат шанса за нов орган. Затоа експертите сметаат дека покрај законските измени, неопходни се и поголема информираност, доверба во здравствениот систем и континуирана едукација на јавноста за значењето на органодарителството.

е-Трн да боцка во твојот инбокс