Ивана Коцевска, адвокатката на сопственикот на дискотеката „Пусл“ Дејан Јованов Деко побара да се исклучи јавноста од судницата.
Таквото барање доаѓа откако на претходното рочиште, додека одбраната на првообвинетиот пред Судот изнесуваше барање за укинување на притворот, дел од оштетените реагираа бурно извикувајќи: „пуштете го, ние да му пресудиме”.
Коцевска, пред почетокот на денешното судење, реагираше и на, како што кажа, „селективноста на мерките за обезбедување присуство, како и селективноста на прогон” на Обвинителството, кое, според неа, по службена должност требало да поведе постапка по изнесените закани по живот.
„Изнесувам предлог за крајно неопходно исклучување на јавноста, со оглед дека Судот е должен да обезбеди ред и заштита на правата на обвинетите” изјави таа пред Судот.
Судијката Дијана Груевска Илиевска нагласи дека досега ниту една закана не е нотирана на записник, без разлика од која страна доаѓаат, но и дека согласно праксата ако некој го нарушува судењето, прво ќе се изрекуваат опомени, а потоа исклучување.
На денешното рочиште ќе сведочи и лице вработено во Судската медицина, а ќе се читаат и искази на сведоци кои не можат физички да бидат во судница.