Одбележан Денот на пензиска свесност, институциите и пензиските друштва обединети за поголема финансиска писменост кај младите

Централен дел на настанот беше свеченото потпишување на Меморандумот за соработка меѓу МАПАС и СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ – Скопје

Денеска, во просториите на СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ – Скопје, со свечен настан беше одбележан 15 Септември – Денот на пензиска свесност.

Настанот, организиран од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ и Асоцијацијата на Друштва за управување со пензиски фондови на Северна Македонија, имаше за цел унапредување на финансиската писменост кај младите и зајакнување на соработката помеѓу образовниот, институционалниот и бизнис секторот.

Централен дел на настанот беше свеченото потпишување на Меморандумот за соработка меѓу МАПАС и СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ – Скопје. Меморандумот предвидува реализација на заеднички едукативни активности, спроведување на практична настава, учење преку работа и феријална практика за учениците во престојната учебна 2026/2027 година. Целта на оваа соработка е подобро подготвување на младите за нивниот понатамошен образовен и професионален развој преку директно запознавање со функционирањето на финансискиот и пензискиот систем.

Настанот го отвори директорот на СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ – Скопје, Александар Мијоски, кој им посака добредојде на присутните и изрази благодарност за укажаната чест училиштето да биде домаќин на ваков значаен настан. Тој особено се заблагодари за континуираната поддршка од институциите и за можноста што им се нуди на учениците преку практичната настава да се стекнат со реални вештини.

Претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Ремзи Бајрами, се осврна на потребата од рана финансиска едукација и важноста од поврзување на теоријата со реалниот сектор. 

„Финансиските навики се создаваат рано. Одлуките што ги носиме денес, начинот на кој размислуваме за парите, штедењето, планирањето и иднината, постепено го определуваат нашиот финансиски пат. Знаењето за финансии не е дополнителна вештина, тоа е животна вештина. Со потпишувањето на овој Меморандум не воспоставуваме само формална соработка помеѓу две институции, туку воспоставуваме мост помеѓу образованието и практиката,“ – истакна Ремзи Бајрами, претседател на Советот на експерти на МАПАС.

Во рамките на настанот беше промовирано и новото едукативно видео „Твојата патека, твоја иднина“, кое е дел од долгогодишната едукативна кампања „Засади желба“, која ја реализираат пензиските друштва со поддршка на МАПАС. Претседателот на Асоцијацијата на Друштва за управување со пензиски фондови на Северна Македонија ја истакна клучната порака на кампањата, дека навременото донесување финансиски одлуки и разбирањето на личната сопственост врз средствата во вториот столб претставуваат важен чекор кон посигурна иднина. 

„Финансиската писменост не е знаење што се стекнува на крајот од работниот век, туку вештина што се гради уште од почетокот на професионалното формирање. Годинава, по шести пат ја промовираме кампањата „Твојата патека, твоја иднина“, со која сакаме да испратиме јасна порака: иднината не се случува сама по себе. Таа се создава преку одлуките што ги носиме денес. Вториот пензиски столб претставува значаен дел од таа иднина. Средствата што се акумулираат на индивидуалните сметки се лична сопственост на секој член,“ – истакна Маријан Николовски, претседател на Асоцијацијата на Друштва за управување со пензиски фондови на Северна Македонија.

Во таа насока, тој упати и директна порака до младите, потсетувајќи ги дека нивната финансиска иднина започнува да се гради од самиот момент на потпишување на првиот договор за вработување.

Со одбележувањето на овој ден, институциите и пензиските друштва испратија обединета порака дека активното вклучување на компаниите во образовниот процес и финансиската писменост се неопходни предуслови за создавање услови младите успешно да ја градат својата иднина во нашата држава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс