„Од шкафот“ во Лабораториум: Јана Наскова ја отвора програмата „Нови Лица“

На 11 јуни во Лабораториум ќе биде отворена првата изложба од програмата „Нови Лица“, фотографски проект на младата авторка Јана Наскова, создаден за време на едномесечна резиденција под менторство на фотографката Еџе Али.

Во културно-едукативниот центар Лабораториум на 11 јуни, со почеток во 20:00 часот, ќе биде отворена изложбата „Од шкафот“ на младата авторка Јана Наскова. Изложбата е прв јавен настан од иницијативата „Градски ѕид за Нови Лица на македонската културна сцена“, преку која Лабораториум поддржува млади уметници и креативци од независната сцена.

Фотографскиот проект е резултат на едномесечна резиденција, во која Наскова работела под менторство на реномираната фотографка Еџе Али. Во фокусот на проектот е урбаниот простор, но и личниот поглед на младата авторка кон градот, секојдневието и интимните слоеви на просторот што ја опкружува.

Прво „ново лице“ од програмата

Јана Наскова е родена во Скопје во 2001 година. Дипломирала интердисциплинарна програма по либерални уметности и науки во Амстердам, со фокус на филм, филозофија и литература. Нејзиниот досегашен ангажман се движи меѓу уметноста, младинските организации, образованието, медиумите и граѓанските иницијативи.

Токму таа меѓупросторна позиција се препознава и во нејзиниот авторски израз, кој не ја гледа фотографијата само како визуелен запис, туку и како личен наратив, општествена чувствителност и обид да се фати она што најчесто останува на рабовите на вниманието.

„Нови Лица“ како простор за младите автори

Проектот „Нови Лица“ има цел да открие, поддржи и промовира нови автори од македонската независна уметничка и креативна сцена. По јавен повик, стручно жири составено од културни работници, професори, уметници и професионалци избра осум млади автори и креативци кои до крајот на годината ќе поминат низ едномесечни менторски резиденции.

Секој од учесниците работи со искусен ментор, кој го следи и поддржува креативниот процес до создавање на ново авторско дело. Резултатите ќе бидат јавно презентирани во Лабораториум преку изложби, презентации и јавни настани.

Изложбата на Јана Наскова е прва во низата од осум настани што ќе се реализираат до крајот на годината, претставувајќи ја соработката меѓу младите автори и нивните ментори.

Лабораториум како сцена за независна култура

Лабораториум во изминативе две и пол години се профилираше како простор за независна култура, едукација, креативност и социјализација. Со повеќе од 550 реализирани настани, меѓу кои работилници, изложби, концерти, театарски претстави, креативни базари, кино-проекции и радио програми, центарот изгради активна заедница на млади уметници, креативци и проактивни граѓани.

Иницијативата „Нови Лица“ се реализира во рамки на проектот „Култура за развој“, поддржан од Владата на Швајцарија, а имплементиран од Хартефакт Фонд.

Изложбата е отворена за јавноста, а влезот е слободен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс