Од полноќ стапија во сила новите малопродажни цени на нафтените деривати, со што повторно поскапуваат бензините, дизелот и екстралесното масло за домаќинство, додека мазутот бележи благо поевтинување. Најголемо зголемување има кај дизелот. Литар ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) од денес се продава по 82,5 денари, што е 2,5 денари повеќе од претходната цена.
Бензините поскапуваат за по еден денар. Така, ЕУРОСУПЕР БС-95 чини 85,5 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 се продава по 87,5 денари за литар. Зголемена е и цената на екстралесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), кое поскапува за 2 денари и од денес се продава по 81,5 денари за литар.
За разлика од останатите горива, мазутот поевтинува за 0,3 денари и неговата нова цена изнесува 41,2 денари за килограм. Новите цени стапија во сила од полноќ и ќе важат до следната одлука за корекција на цените на горивата.