Обвинителството побара доживотен затвор за Бојковски – првиот македонски сериски убиец

На претходното рочиште, одржано на 28 септември, Бојковски призна три од четирите убиства и двата обида за убиство

Јавниот обвинител Љубомир Лапе побара доживотен затвор за Трајко Бојковски на денешното рочиште во Основниот суд Куманово, на кое беа изнесени завршните зборови. Бојковски се товари за четири убиства на жени и два обида за убиство на подрачјето на Старо Нагоричане.

Образложувајќи го барањето за најтешката казна, Лапе се повика на психијатриското вештачење. Според обвинителот, постои висок ризик од повторување на кривичните дела и нема можност за ресоцијализација на обвинетиот.

На претходното рочиште, одржано на 28 септември, Бојковски призна три од четирите убиства и двата обида за убиство. Како мотив ги наведе парите, отфрлајќи ги тврдењата на обвинителството за сексуални мотиви.

Лапе тогаш посочи дека обвинетиот во претходниот исказ пред обвинителството ги признал сите четири убиства и дека обвинението е поткрепено и со други докази.

Барањето за доживотен затвор е став на обвинителството во завршните зборови. Одлуката за вината и казната ја носи судот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс