Образованието повторно е еден од главните државни приоритети, тврдат од владејачката партија, посочувајќи дека по нивното доаѓање на власт бил надминат периодот на хаос и неизвесност во образовниот систем.
Во партискиот отчет се наведува дека учениците веќе втора година по ред ги добиваат учебниците од почетокот на учебната година, а за првпат по подолг период биле обезбедени и учебници по странски јазици.
Според соопштението, во изминатиот период биле набавени повеќе од еден милион примероци учебници, а во последните две години биле остварени заштеди од околу 45 милиони денари.
Платите растеле според предвидлив систем
Од партијата посочуваат дека е воспоставен предвидлив систем за раст на платите во образованието, кој треба да обезбеди постепено зголемување на примањата на наставниот кадар.
Како дел од договорот со СОНК, во следните четири години се предвидени зголемувања во зависност од инфлацијата, а во првите две години, според партијата, платите на вработените во образованието пораснале за повеќе од 20 проценти.
Училиштата добиле ИТ опрема и дигитални услуги
Во отчетот се наведува и дека над 160 училишта добиле современа ИТ опрема, а во образовниот систем биле воведени дигитални услуги за ученици и студенти.
Меѓу мерките што ги посочуваат се нов електронски дневник и електронски свидетелства, како дел од процесот на дигитализација на училиштата.
Над 70 милиони евра за образовна инфраструктура
Според партиското соопштение, во образовната инфраструктура биле вложени повеќе од 70 милиони евра, наменети за изградба и реконструкција на училишта, спортски сали и проширување на капацитетите.
Во отчетот се наведува и дека е зголемен бројот на образовни асистенти. Во средното образование биле воведени 150 асистенти, додека во основните училишта бројот на асистенти пораснал од 800 на 1.350.
Од партијата оценуваат дека овие мерки значат „враќање на достоинството и квалитетот“ во образовниот систем.