Заседа по расправија во сообраќај: браќа осомничени за обид за убиство во Скопје

Двајца браќа се осомничени за обид за убиство кај Шишево, откако по сообраќајна расправија, според обвинителството, чекале во заседа и пукале кон возило.

Сообраќаен инцидент поради допрени ретровизори прераснал во вооружен напад кај Шишево, по кој Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против двајца браќа осомничени за обид за убиство.

Според обвинителството, расправијата започнала на 6 јуни во близина на авто-плац, кога по вербален конфликт еден од осомничените физички нападнал едно лице и му се заканувал. Очевидци успеале да ја смират ситуацијата, но инцидентот не завршил таму.

Подоцна, оштетениот заедно со сопругата и братот повторно поминал по истиот пат. Обвинителството тврди дека двајцата осомничени во меѓувреме се скриле во грмушки, вооружени со пиштоли, и чекале возилото да помине.

Кога автомобилот се приближил, биле испукани два куршума. Еден од нив го погодил братот на оштетениот во пределот на главата, нанесувајќи му тангенцијална повреда, додека животите на уште две лица во возилото биле доведени во опасност.

Обвинителството побара притвор за двајцата осомничени поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и ризик делото да се повтори или доврши.

е-Трн да боцка во твојот инбокс