Македонските граѓани утре ќе дознаат по која цена ќе ги точат горивата, откако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе ја објави новата одлука за малопродажните цени. Според актуелните движења на светските берзи, повеќе е веројатно дека ќе има ново поскапување, главно поради растот на цената на нафтата и зајакнувањето на американскиот долар. Премиерот Христијан Мицкоски вчера најави дека Владата размислува за намалување на акцизите на горивата, но не прецизираше кога би можела да се донесе таква одлука.
„Немаме направено калкулација за покачувањата, но ќе има секако, бидејќи нафтата и бензините драматично пораснаа изминатата недела, а и курсот на доларот е малку посилен во споредба со претходната недела“, изјави Мицкоски.
Опозицијата ја критикува Владата
Од опозицискиот СДСМ оценуваат дека најавените мерки доаѓаат предоцна и дека граѓаните веќе подолг период плаќаат повисоки цени.
„Владата или намерно одбиваше да реагира, или од незнаење и неспособност не преземаше ништо. Цените се покачија и не се вратија назад. Сега, кога повторно растат, премиерот излегува со најава како да е нешто ново“, велат од СДСМ.
Од опозицијата додаваат дека поскапувањето на горивата директно влијае и врз цените на останатите производи, особено храната.
Последната одлука донесе значителен раст
На последната корекција на цените, дизелот поскапе за 5,5 денари по литар, додека бензините поскапеа за 1,5 денар по литар. Во меѓувреме, Владата ја продолжи одлуката за постоење на кризна состојба до 20 октомври, што овозможува дополнителни механизми за реагирање во услови на енергетски нарушувања.
Конечната одлука за новите цени на бензинот, дизелот и останатите нафтени деривати ќе ја соопшти РКЕ утре.