Ново академско рангирање на балканските универзитети, македонските на дното

АРБУ претставува најобемна анализа на високото образование во регионот досега

Денес во Скопје официјално беше промовирана платформата АРБУ – Академско рангирање на балканските универзитети (Academic Ranking of Balkan Universities), првото регионално академско рангирање кое ги опфаќа универзитетите од целиот Балкан и нивното научно влијание.

АРБУ претставува најобемна анализа на високото образование во регионот досега. Рангирањето опфаќа 324 универзитети и високообразовни институции од осум балкански држави, повеќе од 33.000 професори и истражувачи и над 19,7 милиони научни цитати регистрирани на Гугл Сколар (Google Scholar). Со тоа, за првпат е создадена единствена регионална база на податоци која овозможува директна споредба на научните перформанси на универзитетите и истражувачите од целиот Балкан.

Проектот е создаден со цел да обезбеди поголема транспарентност во високото образование и да понуди јасна слика за научниот придонес на универзитетите и истражувачите во регионот, преку мерење на нивното научно влијание и цитираност.

Рангирањето користи транспарентна и лесно проверлива методологија базирана на научната цитираност регистрирана на Гугл Сколар. Податоците се прибрани и обработени во текот на 2025 година и овозможуваат објективен увид во научното влијание на институциите и поединците низ целиот регион.

Првите резултати покажуваат дека најголемо научно влијание во регионот имаат универзитетите од Хрватска, Србија и Словенија. На врвот на листата се наоѓа Универзитетот во Загреб, по кој следуваат Универзитетот во Белград и Универзитетот во Љубљана. Овие три институции претставуваат јадро на научно-истражувачката продукција на Балканот и заедно акумулираат повеќе од девет милиони научни цитати.

Според резултатите за Македонија, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (УКИМ) е најдобро рангиран универзитет во државата и лидер во најголем број научни области. Истовремено, анализата покажува значителен јаз меѓу македонските и водечките регионални универзитети. Додека УКИМ располага со околу 400 илјади цитати, Универзитетот во Загреб има повеќе од 4,6 милиони цитати, а универзитетите во Белград и Љубљана над два милиони цитати секој.

Според научните области, УКИМ е лидер во медицинските науки, природните науки, инженерството, земјоделството и шумарството, како и во општествените науки. Универзитетот „Гоце Делчев” е најдобро рангиран во хуманистичките науки и уметностите, додека Универзитетот на Југоисточна Европа остварува најдобри резултати во областа економија, бизнис и организациски науки.

АРБУ за првпат овозможува и регионална споредба на индивидуалните истражувачи. Највисоко рангиран научник на Балканот е словенечкиот истражувач Марко Микуж од Jožef Stefan International Postgraduate School, додека меѓу десетте највлијателни научници доминираат професори од Хрватска, Србија и Словенија. Анализата покажува дека медицинските, природните и техничките науки генерираат најголем дел од научното влијание во регионот и имаат најголема застапеност меѓу најцитираните истражувачи.

Платформата е јавно достапна и овозможува пребарување на универзитети, факултети и професори, како и увид во нивните академски перформанси и научно влијание. Целта на АРБУ е да стане референтна точка за студентите, универзитетите, истражувачите и носителите на политики, обезбедувајќи транспарентен и споредлив преглед на развојот на високото образование во регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс