Трамп ги обвини редакциите за, како што тврди, објавување „лажни вести“, додека медиумите ја оспорија одлуката и најавија правна битка.
Станува збор за Бетси Клајн од CNN, Акајла Гарднер од MS NOW и Шајен Хаслет од Politico – новинарки со долгогодишно искуство во следење на Белата куќа и американската администрација.
Клајн е во CNN од 2014 година, а американската администрација ја следи од 2015 година. Таа известувала во периодите на претседателите Барак Обама, Доналд Трамп и Џо Бајден. На 19 септември пристигнала на работа во Белата куќа, но по безбедносната проверка утврдила дека нејзината акредитација и пристапниот PIN биле деактивирани.
🇺🇸 🚫 Indigna veto de la Casa Blanca a medios
MS NOW, CNN y Político expresaron que defenderán “enérgicamente” su derecho a la Primera Enmienda luego de que sus periodistas Akayla Gardne, Betsy Klein y Cheyenne Haslett, respectivamente, fueron excluidas por orden de Trump.
https://t.co/aSJ8vbNxYY— La Jornada (@lajornadaonline) September 20, 2026
Гарднер е дописничка на MS NOW од Белата куќа, а претходно работела во Bloomberg News, каде што ги следела администрациите на Трамп и Бајден. И нејзината акредитација била деактивирана, а таа и снимателот биле вратени од влезот на комплексот.
Гарднер претходно привлече внимание кога му поставуваше прашања на Трамп за трошоците за изградба на големата балска сала во Белата куќа. Според грчкиот портал Protothema, Трамп тогаш ја нарекол „глупава личност“ откако продолжила со прашањата за проектот.
Третата новинарка е Шајен Хаслет од Politico, која ја следи Белата куќа, како и темите поврзани со здравството и технологијата. Пред да се приклучи на Politico, околу осум години работела во ABC News, каде што известувала и за пандемијата и прашањата поврзани со абортусот.
Трамп ја најави забраната на 18 септември преку Truth Social, тврдејќи дека трите медиуми објавуваат „лажни“ информации за неговата администрација. Во понеделникот дополнително ја бранеше одлуката, без да понуди докази за тврдењето дека медиумите претставуваат закана за националната безбедност.
Во меѓувреме, CNN, MS NOW и Politico поднесоа тужба против Трамп и други членови на администрацијата пред федералниот суд во Вашингтон. Трите медиумски куќи бараат привремена мерка со која би се блокирала забраната, повикувајќи се на заштитата на слободата на говорот и слободата на медиумите според Првиот амандман на американскиот Устав.
Случајот дополнително се прошири откако ABC, CBS, NBC и Fox News во понеделникот го прекинаа телевизиското покривање на претседателските настани преку заедничкиот новинарски пул.
Ова не е прв конфликт меѓу Трамп и американските медиуми. Во 2025 година Белата куќа му го ограничи пристапот на Associated Press по спорот околу употребата на називот „Мексикански Залив“, а во првиот мандат на Трамп беше познат и случајот со новинарот на CNN Џим Акоста, на кого во 2018 година му беше суспендирана акредитацијата. Судот тогаш наложи пристапот да му биде вратен.
Најновиот спор сега ќе се решава пред федералниот суд, кој треба да одлучи дали забраната за CNN, MS NOW и Politico ќе остане во сила.