Од 1 декември матичните лекари ќе можат да одобрат боледување без дополнителна медицинска документација најмногу до пет дена, наместо досегашните седум, согласно новиот Правилник за утврдување привремена спреченост за работа на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), кој веќе е објавен во „Службен весник“.
Со новите правила се менуваат надлежностите на избраните лекари и постапката за одобрување подолго отсуство од работа. Од ФЗОМ нагласуваат дека со овие измени не се скратува правото на боледување ниту се ограничува неговото времетраење кога постои медицински оправдана потреба, но за секое отсуство подолго од пет дена ќе бидат потребни соодветни дијагностички испитувања и специјалистички извештај со препорака за времетраење.
Избраниот лекар и понатаму останува надлежен да ја утврдува привремената спреченост за работа до 15 дена, додека за период подолг од 15 дена одлучува надлежната лекарска комисија на ФЗОМ.
Со новиот правилник прецизно се регулираат и административните рокови кои пациентите и матичните лекари ќе мора да ги почитуваат:
Отворање и затворање: Боледувањето се евидентира од денот на прегледот кај матичниот лекар или од наредниот ден. Ретроактивно отворање не е дозволено, освен најмногу еден работен ден наназад во медицински оправдани случаи. Затворањето се врши на последниот ден од одобрениот период или најдоцна еден ден подоцна.
Повторно боледување во рок од 30 дена: Доколку во рок од 30 дена по затворањето на боледувањето се појави потреба од ново отсуство поради иста или сродна дијагноза од иста група, матичниот лекар е должен да поднесе предлог до надлежната лекарска комисија.
По болничко лекување: Ретроактивно продолжување по болничко лекување е можно најмногу пет календарски дена, со одобрување од лекарска комисија.
За да не се доведе во прашање правото на пациентите поради чекање за специјалистички преглед, од Фондот посочуваат дека на матичните лекари им стои на располагање можноста за издавање приоритетен упат без закажан термин, кога за тоа постои медицинска оправданост.
Дополнително, измените предвидуваат електронско генерирање на извештајот за привремена спреченост за работа (ПСР), со што се намалуваат административните процедури. Попрецизно се уредуваат и исклучоците кога не е потребно лично присуство на осигуреникот како при неподвижност или болничко лекување. Осигурениците кои не се задоволни од оценката на матичниот лекар или од одлуката на првостепената комисија ќе имаат право на приговор до надлежната првостепена, односно второстепена лекарска комисија.
Промените следуваат откако надлежните во ФЗОМ алармираа за значителен пораст на отворените боледувања. Според претходно изнесените податоци од директорот Сашо Клековски, во 2025 година боледувањата до 30 дена се зголемиле за 33 проценти во споредба со 2021 година, а при контроли на 514 боледувања во МВР биле утврдени злоупотреби кај секое петто отсуство.
