На само 10 километри од центарот на Скопје и пет минути возење од обиколницата, во Волково официјално ги отвори вратите Винарија „Душа“. Новиот концепт за вински тури и дегустации носи современ индустриски стил во кој уживањето во македонското вино се спојува со локалните вкусови, нудејќи свежо искуство за убаво поминато време надвор од секојдневната градска гужва.
Посетите се организираат со претходна резервација и вклучуваат избор меѓу неколку вински искуства. Секое од нив опфаќа водена тура низ винаријата, запознавање со процесот на производство и дегустација на четири вина придружени со мезе даска или автентични македонски специјалитети. Гостите имаат можност да ги дегустираат белото куве Ведрина, розето Зора, ароматичната Темјаника и новото црвено вино на Душа, Допир. Дополнително, едно од искуствата е посебно посветено на македонските сорти Смедеревка, Темјаника, Станушина и Вранец.
Просторот е отворен и за приватни настани, прослави, тимски дружења и деловни средби, со можност за прилагодување на пакетите и капацитет за помали групи до 12 луѓе и поголеми групи до 50 луѓе. Токму идејата за дружење е во основата на приказната на винаријата. За Емилија Димиќ виното е повод луѓето да се соберат, да разговараат и да создадат спомени. „Затоа сакавме Душа да биде место каде што тоа ќе се случува, близу до градот, а сепак доволно далеку од секојдневието“, вели Емилија.
Зад Винарија „Душа“, основана во 2023 година, стојат Небојша и Емилија Димиќ, брачен пар македонски електроинженери кои живеат во САД и своите кариери ги граделе во ИТ-индустријата. Нивната љубов кон виното прераснала во студии по енологија во Сиетл, а знаењето што таму го стекнале денес го применуваат во секое вино. „Во Душа се спојуваат две навидум различни работи: инженерската прецизност и креативноста што ја бара виното. Анализата и современата технологија ни се важни, но исто толку ни се важни интуицијата и почитта кон традицијата. Сакаме гостите тоа да го видат и вкусат од прва рака, од лозата до чашата“, истакнува Небојша Димиќ. Покрај винаријата во Волково, Душа има и лозарско земјиште во Ресава, во срцето на Тиквеш, каде што најголем дел од насадите се речиси 50-годишни лози Темјаника што даваат приноси со концентрирано грозје со карактер.
Иако амбиентот е модерен и индустриски, земјата на која се наоѓа винаријата во Волково му припаѓа на семејството на сопствениците со генерации. Имотот некогаш го купил прадедото на сопственикот со пари што ги заработил градејќи железнички пруги во Америка и на него засадил лозје. Со текот на времето земјата била поделена меѓу наследниците, сè додека правнукот Небојша, кој исто така изградил кариера во Америка, децении подоцна не почнал повторно да ги откупува и обединува парцелите. Дел од тоа старо лозје и денес раѓа во дворот на винаријата.
