Научници од Швајцарскиот федерален институт за технологија (ЕТХ Цирих) развиваат нов метод за анализа на отпадните води со кој ќе можат да ги детектираат сите циркулирачки вируси во заедницата, вклучувајќи и непознати патогени со пандемски потенцијал. Целта на овој пристап е навремено предупредување на болниците и здравствените власти пред вирусите масовно да се прошират меѓу населението.
Луѓето исфрлаат траги од вируси при секојдневните хигиенски навики, како користење тоалет, миење раце, миење заби или туширање. Кога таа отпадна вода ќе пристигне во пречистителните станици, научниците земаат мали примероци и ги тестираат за присуство на вирусни фрагменти.
Надзорот на отпадните води со децении се користи за следење на ширењето на полиовируси, бактерии отпорни на лекови и нелегални дроги. За време на пандемијата на ковид-19, овој метод им овозможи на истражувачите прецизно да утврдат кои варијанти циркулираат и кога брановите го достигнуваат својот врв, независно од тоа дали заразените лица имале симптоми или се тестирале.
Во Швајцарија, истражувачките тимови рутински ги следат коронавирусите, грипот и респираторниот синцицијален вирус (РСВ) преку примероци од 10 пречистителни станици, со што се опфаќаат 22 проценти од вкупното население. За споредба, во екот на пандемијата на ковид-19 беа вклучени околу 100 пречистителни станици низ земјата.
Собраните податоци служат за рано предупредување на болниците пред очекуван пораст на бројот на заболени, што им помага на здравствените установи навреме да го организираат персоналот и заштитните мерки. Преку генетско секвенционирање на вирусните фрагменти, научниците ја проценуваат и потенцијалната сериозност на сезоната на грип, но и ефикасноста на постојните вакцини и моноклонални антитела против конкретни соеви.
„Секвенците можат да ни кажат дали моноклоналните антитела или вакцините делуваат добро, или пак предвидуваме проблем, па треба нешто да промениме. Ако забележиме такви мутации, можеме веднаш да укажеме на нив“, изјави Тања Штадлер, раководителка на Одделот за биосистемска наука и инженерство при ЕТХ Цирих и лидерка на групата за јавно здравје во научно-советодавното тело на швајцарската влада, за Еуроњуз (Euronews).
Сегашните анализи се строго фокусирани на однапред познати патогени. Според Штадлер, истражувачите во моментов го филтрираат и мерат присуството и структурата на конкретни вируси како САРС-КоВ-2.
Следниот чекор на нејзиниот тим е проширување на технологијата за истовремено филтрирање и секвенционирање на секој вирус присутен во канализацијата. Со овој пристап, научниците планираат да ја детектираат и таканаречената Болест Икс, термин кој Светската здравствена организација го користи за сè уште непознат патоген што би можел да предизвика сериозна меѓународна епидемија.
„Ако се појави некој патоген Икс, нов пандемски сој, ќе го уловиме исто толку ефикасно како и грипот или САРС-КоВ-2“, рече Штадлер.
Тимот од Цирих работи и на методи за утврдување на точниот извор на вирусните фрагменти во отпадните води. За јавното здравје постои огромна разлика дали вирусот на птичји грип во канализацијата потекнува од птица или е врзан за човечки клетки, што би значело дека вирусот се размножува кај луѓе.
Птичјиот грип во последните години премина од животни на луѓе во Европа и Северна Америка, но засега нема докази за одржлив пренос од човек на човек. Евентуална мутација што би овозможила лесно ширење меѓу луѓето претставува сериозен глобален здравствен ризик.
Дополнително, Штадлер посочува дека анализата на антителата во отпадните води во иднина може да покаже колкав е колективниот имунитет на заедницата против одреден вирус. Според нејзините проценки, овие технолошки новитети можат да станат оперативни во рок од две до шест години, под услов да се обезбеди стабилно финансирање.
Истражувачката група веќе објавува контролна табла со податоци во речиси реално време за болниците, агенциите за јавно здравје и фармацевтските компании. Кога системот повремено ќе падне на неколку часа, лекарите и претставниците на индустријата веднаш испраќаат пораки за да проверат што се случува, што за Штадлер е директен доказ дека податоците активно се применуваат во пракса.
