Американските купувачи на Црниот петок остварија онлајн пазарење кое ќе надмине 13 милијарди долари, покажуваат податоците на „Адоби аналитикс“ (Adobe Analytics). Дигиталното трошење достигна 9,7 милијарди долари до 18:30 часот по источноамериканско време, што претставува скок од 12,8 проценти во однос на минатата година. Според проценките на аналитичарите, конечниот износ за денот ќе се движи меѓу 13 и 13,4 милијарди долари.
И покрај притисокот од инфлацијата и високите цени на горивата во САД, потрошувачите масовно ги искористија сезонските попусти на интернет. Со ова, резултатите ги надминаа првичните очекувања на самиот „Адоби“ од септември, кога компанијата прогнозираше дека онлајн-продажбата на Црниот петок ќе порасне за 9,2 проценти и ќе достигне 12,9 милијарди долари.
Паралелните податоци на компанијата „Сејлсфорс“ (Salesforce), која следи поширок опсег на дигитална трговија, ја потврдуваат силната побарувачка. Според нивните мерења, онлајн-продажбата во првата половина од денот генерирала 5,9 милијарди долари во САД и 30,7 милијарди долари на глобално ниво. Проекциите на „Сејлсфорс“ се дека вкупното онлајн-трошење за денот ќе достигне 18,7 милијарди долари во САД, што е годишен раст од 4 проценти, и 83 милијарди долари во светски рамки, односно раст од 5,2 проценти.
Купувачката треска не заврши со петокот, туку продолжува со засилено темпо и во наредните денови. За денеес се предвидува онлајн-продажба од 6,1 милијарда долари, што е зголемување од 6 проценти во споредба со лани, додека за недела прогнозата изнесува 6,4 милијарди долари или раст од 7,5 проценти.
Најголемиот ден за онлајн-шопинг во сезоната и натаму останува Сајбер понеделник (Cyber Monday). „Адоби“ предвидува дека тој ден ќе донесе потрошувачка од 15,1 милијарда долари, што е раст од 6,2 проценти на годишно ниво.
Во целиот петдневен период, кој трае од Денот на благодарноста (Thanksgiving) заклучно со Сајбер понеделник, вкупното онлајн-трошење во САД се очекува да порасне за 7,4 проценти и да достигне 47,5 милијарди долари. Компанијата оценува дека целокупната празнична онлајн-потрошувачка во САД оваа година ќе расте со слично темпо како и минатата.
