Од 1 јули нови правила за дел од возилата што влегуваат во ЕУ

Од 1 јули 2026 година дел од лесните комерцијални возила што вршат меѓународен транспорт ќе мора да користат паметни тахографи од втора генерација. Новите уреди ќе ги бележат граничните премини, товарењата и активностите на возачите.

Од 1 јули 2026 година, сите лесни комерцијални возила и комбиња со вкупна дозволена маса од 2,5 до 3,5 тони, кои учествуваат во меѓународен транспорт или каботажа со надомест, ќе мора да бидат опремени со паметни тахографи од втора генерација (G2V2). Ова е дел од новите регулативи на Европската Унија насочени кон подобра контрола на транспортниот сектор и почитување на правилата за работа на возачите. 

Новите уреди ќе имаат задача автоматски да ги евидентираат граничните премини, местата на товарење и истовар, како и активностите на возачите за време на работниот процес. Целта е да се зголеми транспарентноста и да се олесни контролата на транспортните операции низ земјите членки на ЕУ. 

Според објавените информации, мерката се однесува на сите возила во оваа категорија кои вршат превоз за надомест во меѓународниот сообраќај. Со тоа значително се проширува опфатот на возилата што ќе бидат подложни на дигитално следење преку тахографи. 

Сепак, постојат и одредени исклучоци. Лесните камиони до 3,5 тони што главно се користат за транспорт на материјали до и од градилишта, како и за активности поврзани со работа на градилишта, нема да подлежат на оваа обврска доколку работат во радиус до 100 километри

Ослободувања остануваат во сила и за превозот на рачно изработени производи, како и за возила што се користат за некомерцијални и домашни активности, каде што управувањето со возилото не претставува основна професионална дејност на возачот. 

Новите правила се дел од пошироките европски напори за модернизација на транспортниот сектор и подобра контрола на условите во кои работат професионалните возачи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс