Нови цени од полноќ, литар дизел ќе чини скоро 105 денари

Дизел горивото поскапува за 5,50 денари и неговата конечна малопродажна цена ќе изнесува 104,50 денари за литар

Регулаторната комисија за енергетика ги утврди новите највисоки малопродажни цени на нафтените деривати, кои ќе се применуваат од полноќ.

Од 00:01 часот на 22 септември, горивата ќе се продаваат по следните највисоки цени:

  • ЕУРОСУПЕР БС-95 – 99 денари за литар
  • ЕУРОСУПЕР БС-98 – 101 денар за литар
  • ЕУРОДИЗЕЛ – 104,50 денари за литар
  • Екстра лесно масло за домаќинство – 102,50 денари за литар
  • Мазут М-1 НС – 50,078 денари за килограм

Во споредба со цените утврдени на 14 септември, бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и БС-98 поевтинуваат за 1,50 денар за литар.

Дизелот, од друга страна, поскапува за 5,50 денари и неговата конечна малопродажна цена ќе изнесува 104,50 денари за литар. Екстра лесното масло за домаќинство поевтинува за седум денари и ќе се продава за 102,50 денари за литар.

Цената на мазутот се зголемува за 1,835 денари за килограм и ќе изнесува 50,078 денари.

Новите цени се утврдени и покрај применетото намалување на акцизата за четири денари за литар кај бензините, дизелот и екстра лесното масло. Кај дизелот и екстра лесното масло е применета и повластена стапка на ДДВ од 10 проценти.

Според образложението на Регулаторната комисија, референтните цени на светските берзи се зголемиле кај сите нафтени деривати. Најголем раст е забележан кај дизелот, чија берзанска цена во просек се зголемила за 6,772 проценти. Истовремено, курсот на доларот бил повисок за околу 0,753 проценти во однос на претходната пресметка.

Утврдените износи се највисоки дозволени малопродажни цени, што значи дека трговците можат да ги продаваат горивата и по пониски цени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс