Од 24 ноември на полноќ, малопродажните цени на нафтените деривати се намалуваат, одлучи Регулаторната комисија за енергетика. Во просек, цените ќе бидат пониски за 2,28 отсто во однос на претходната одлука.
Еуросупер БС-95 ќе се продава по најмногу 82 денари за литар, а Еуросупер БС-98 по 84 денари. Двата бензина поевтинуваат за два денари по литар.
Еуродизелот ќе чини најмногу 88,50 денари за литар, што е намалување од 3,50 денари. Екстра лесното масло за домаќинство ќе поевтини за 2,50 денари и ќе се продава по 98 денари за литар.
Цената на мазутот се намалува за 0,204 денари и ќе изнесува 48,110 денари за килограм.
РКЕ соопшти дека во пресметката се применети владините мерки за намален ДДВ од 10 отсто за дизелот и пониски акцизи: за еден денар по литар кај бензините и за четири денари кај дизелот. Утврдените цени се максимални, а трговците можат да продаваат и пониско.
