Времето што децата го поминуваат пред екрани не е толку штетно за нивниот развој, се вели во новата студија на фински научници која покажа дека децата кои повеќе користеле екрани во адолесценцијата постигнале подобри резултати на одредени тестови за когнитивни способности.
На студијата се работело осум години под претпоставка дека целото време поминато пред екран е лошо за децата. Сепак, научниците предупредуваат дека резултатите не докажуваат дека екраните го подобруваат развојот на мозокот, туку покажуваат врска помеѓу одредени навики и когнитивните способности. За потребите на ова истражување, научниците следеле 260 деца цели 8 години, 136 момчиња и 124 девојчиња, а податоците биле земени од долгорочниот истражувачки проект PANIC. Тие го следеле развојот на децата од приближно осум до шеснаесет години, пишува ScienceAlert.
За време на студијата, тие евидентирале колку децата биле физички активни, колку време поминувале седејќи и колку време поминувале пред екран. Податоците биле собрани со помош на прашалници и уреди што учесниците ги носеле за да ја следат својата активност.
На крајот од осумгодишниот период, децата полагале тестови што научниците ги користеле за да ги проценат нивните когнитивни способности. Меѓу другото, тие ја испитувале меморијата, вниманието и брзината на реакција на различни задачи.
Резултатите покажаа дека децата кои поминувале повеќе време пред екрани како адолесценти имале подобри вкупни резултати на когнитивните тестови. Тие исто така побрзо одговориле на задачи што ја тестирале работната меморија.
Оваа студија, објавена во списанието „Педијатриска наука за вежбање“, сугерира дека идните истражувања треба подетално да испитаат како различните активности пред екраните влијаат на когнитивниот развој на децата.
