Математичарите потврдија – ВИ ја реши Римановата хипотеза

Доказот создаден со помош на вештачката интелигенција и алатката Клод помина независна проверка од математичари. Се состои од 17 милиони линии код, а неговата потврда може да има далекусежни последици за математиката и компјутерските науки.

Заедниците што работат со програмскиот јазик Лен и математичката библиотека Матлиб објавија заедничка изјава со која официјално потврдија дека доказот за Римановата хипотеза, изработен од математичарот Левент Алпоге со помош на алатката за вештачка интелигенција Клод, е математички точен. Изјавата ја поддржаа и организациите Лен ФРО и Матлиб Иницијатива. Потврдата доаѓа откако Алпоге на 20 ноември го објави доказот во форма на библиотека за Лен, по што членовите на заедницата во текот на следниот ден спроведоа детална независна проверка. Заклучокот е дека и формулацијата на хипотезата и самиот доказ се исправни.

Проверката покажала дека кодот се потпира исклучиво на библиотеката Матлиб и ги исполнува сите четири критериуми за формална математичка верификација во овој систем.

Строга проверка на кодот

Првиот критериум се однесува на самото тврдење на Римановата хипотеза, кое веќе е вклучено во библиотеката Матлиб и претходно било проверено од експерти за Лен и теоријата на броеви. Потоа, десетици независни корисници успешно ја компајлирале целата библиотека без грешки и добиле идентична извозна датотека со доказот. Заедницата создала и посебна датотека со која ја издвојувала оригиналната формулација на хипотезата од Матлиб и ја споредила со теоремата што ја докажал Алпоге, користејќи две независни алатки. Така било потврдено дека докажаната теорема целосно се совпаѓа со математичката дефиниција на хипотезата.

Конечната валидност на логичкото заклучување ја потврдиле повеќе независни програми за проверка на докази, напишани на различни програмски јазици. Проверувањето било направено врз неактивен извоз на доказот, со што се намалила можноста евентуален злонамерен код во оригиналните датотеки да влијае врз резултатот.

17 милиони линии код за една математичка хипотеза

Еден од највпечатливите детали е обемот на доказот. Тој содржи дури 17 милиони линии код, поделени во 14 делови. Во компресирана форма зафаќа околу 239 мегабајти, додека по распакувањето изворниот код напишан на Лен зафаќа околу 1,3 гигабајти.

Ако целиот доказ се претвори во класичен математички текст читлив за луѓето, неговиот обем би надминал 250.000 страници. Токму огромниот обем покажува колку значајна била улогата на вештачката интелигенција во подготовката на овој доказ, но и зошто формалната проверка со специјализирани алатки била неопходна.

Што значи ова за математиката и криптографијата?

Во текот на изминатиот век математичарите објавиле стотици теореми што важеле само под претпоставка дека Римановата хипотеза е точна. Со потврдата на доказот на Алпоге, тие условни тврдења сега добиваат статус на безусловни математички резултати.

Тоа им овозможува на научниците попрецизно да ја проучуваат распределбата на простите броеви и отстапувањата меѓу нивната реална појава и статистичките процени. Римановата хипотеза, формулирана во 1859 година од германскиот математичар Бернхард Риман, се однесува токму на длабоката поврзаност меѓу простите броеви и таканаречената зета-функција.

Последиците може да се почувствуваат и во компјутерските науки. Особено значајна е врската со генерализираната Риманова хипотеза, која го проширува оригиналното тврдење на поширока класа математички функции. Таа е поврзана со ефикасноста на одредени алгоритми, меѓу кои и брзите тестови за проверка дали исклучително голем број е прост.


Сепак, потврдата на Римановата хипотеза не значи дека се загрозени постојните системи за интернет-безбедност и енкрипција. Познавањето на општите законитости според кои се распределуваат простите броеви не овозможува автоматски брзо разложување на конкретен голем број на неговите прости множители – математичкиот проблем врз кој се заснова безбедноста на голем број банкарски и комуникациски протоколи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс