Меѓународниот музички проект „Resonant Earth: Collective Ritual“, основан и предводен од македонскиот композитор и мултиинструменталист Јордан Костов, продолжува да се развива преку соработки со музичари од различни култури и музички традиции.
Во текот на 2026 година, проектот реализираше повеќе музички средби во Европа и Азија, меѓу кои во Скопје, Париз, Берлин, Токио, Ханој, Тујен Куанг и Пном Пен.
Секоја од овие средби се развиваше како посебна музичка целина, со различен инструментален состав и пристап кон колективната импровизација, во кој современата композиција, традиционалните инструменти и експерименталните музички практики се среќаваат во заеднички процес.
Особено значајни беа неодамнешните активности во Виетнам и Камбоџа. Во Ханој беше реализирана соработка со меѓународен електроакустичен ансамбл, по што следуваше поинаква, претежно акустична музичка средба во Тујен Куанг.Овие настапи се одржаа во рамките на музичкиот фестивал ‘’From Nothing to Nothing ‘’
Во Пном Пен, Камбоџа, Костов настапи со ансамбл од традиционални камбоџански музичари во Home Theatre. Покрај концертот, беше реализирана и дополнителна студиска сесија со локални и меѓународни музичари.
Овие соработки отворија можност за понатамошно развивање на проектот во Камбоџа, вклучително и разговори за организирање меѓународен музички фестивал во април 2027 година, во периодот на камбоџанската Нова година, со потенцијално учество на музичари од Јапонија, Европа и Австралија.

За првата половина на 2027 година се разгледуваат нови изданија и соработки на „Resonant Earth“ во повеќе градови, меѓу кои Виентијан, Сием Реап, Пном Пен, Њу Делхи, Џакарта, Бангкок, Тајнан, Шангај, Париз, Берлин, Виена и Лондон, како и можности за активности во Швајцарија, Јапонија, Мјанмар и Сао Паоло, Бразил.
Овие планови се во различни фази на подготовка и ќе бидат дополнително објавувани со потврдувањето на програмите и соработките.
Паралелно, продолжува работата на музичките снимки од досегашните изданија на проектот, меѓу кои и материјалите од Скопје.
„Resonant Earth: Collective Ritual“ не функционира како конвенционален ансамбл со постојан состав, туку како меѓународна платформа во која музичарите од различни средини создаваат нова музика преку непосредна комуникација, слушање и колективна импровизација.
