Четворица студенти од Преспа се добитници на првите стипендии кои се доделени од страна на Македонското еколошко друштво (МЕД). Ова е дел од проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа“, кој е наменет за зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација, финансиран од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“, со кофинансирање од Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (ПОНТ).
Преку месечни стипендии во износ од 400 евра, МЕД им обезбедува финансиска поддршка на матурантите и студентите од Преспа кои одлучиле своето понатамошно образование да го продолжат во областа на екологијата, биологијата, шумарството и земјоделските науки, поттикнувајќи го нивното образование и стекнувањето стручни знаења и вештини што во иднина ќе им овозможат активно да придонесат кон истражувањето и зачувувањето на природното богатство и зајакнувањето на капацитетите за заштита на природата во Преспанскиот Регион.
„Зачувувањето на природата на Преспа не зависи само од добрите иницијативи и проекти, туку и од луѓето кои имаат знаење и стручност да се грижат за неа. Затоа сметаме дека поддршката на младите од регионот кои се определуваат за студии во областа на природните науки е особено важна. Нашата цел не е само да им помогнеме финансиски во текот на студиите, туку и да ги поттикнеме своето образование и професионален развој да ги поврзат со природата и предизвиците на регионот од кој потекнуваат. На Преспа ѝ се потребни млади, образовани и посветени луѓе кои во иднина ќе придонесуваат во истражувањето и заштитата на природата. Веруваме дека создавањето локални стручни кадри е една од најважните долгорочни инвестиции во иднината на Преспа“, објаснува м-р Даниела Заец, координаторка на локалната канцеларија на Македонското еколошко друштво во Ресен.
Првите добитници на стипендиите се Александар Димитриевски, Александар Филиповски и Виктор Малинчевски, студенти на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, како и Димитар Нечовски, студент на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг. Дополнително, стипендистите ќе бидат вклучени и во менторската програма на Македонското еколошко друштво, која ќе се спроведува во соработка со локалните заштитени подрачја: Паркот на природата „Езерани“, со кој управува Општина Ресен, потоа Националниот парк „Галичица“ и Националниот парк „Пелистер“.
Од Македонското еколошко друштво ги охрабруваат сите заинтересирани матуранти и студенти од Преспа да ги следат информациите за програмата и можностите за стипендирање. Заинтересираните кандидати ќе можат да ја посетат и локалната канцеларија на МЕД во Ресен, каде што ќе добијат повеќе информации за условите и постапката за аплицирање. Програмата за стипендирање ќе се спроведува до учебната 2028/2029 година, со што ќе продолжи и ќе се овозможи поддршката за младите од Преспа кои својата иднина ја гледаат во природните науки и придонесот кон зачувувањето на природата.
Програмата за стипендирање се реализира во рамките на проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа – Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија (ЕУ) во рамките на програмата „ЕУ за Преспа“ и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (ПОНТ). Партнери во имплементацијата на проектот се Македонското еколошко друштво, Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа (SPP) од Република Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA) од Република Албанија. Имплементацијата на проектните активности е поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и Националниот парк „Пелистер“.
