Албумот на македонскиот пијанист Симон Трпчески е номиниран за Меѓународните награди за класична музика (ICMA). Со ова им се оддава почит и признание на најдобрите музичари и музички изданија. Меѓу номинираните се голем број реномирани солисти, ансамбли, диригенти и оркестри, како и многу млади музичари, од кои голем дел се номинирани за првпат. Во 16 категории се номинирани околу 350 аудио и видео изданија, објавени од стотина издавачки куќи од Европа, Азија и Северна Америка.
За едно издание да биде номинирано, потребно е да биде предложено од најмалку двајца членови на жирито. Издавачките куќи со најголем број номинации се Alpha, Naxos, Harmonia Mundi и Pentatone.
Изданието на Linn Records, на кое нашиот пијанист Симон Трпчески е обединет со данскиот диригент Томас Сондергард и Кралскиот шкотски национален оркестар во изведбата во живо на два концерта за пијано и оркестар од Камиј Сен-Санс, ја понесе номинацијата за најдобро концертно издание, информира „КултурОп“.
Станува збор за снимка од концертите одржани во февруари и јуни 2024 година во Кралската концертна сала во Глазгов. За насловната страница на ЦД-изданието е искористено делото „Пејзаж“ на нашиот ликовен уметник Славчо Спировски.
