Тендерот за набавка на нови автобуси во Скопје ќе биде повторно распишан во рок од една недела, велат од Град Скопје за ТВ 24. Според проценките на градските власти, првите нови автобуси би можеле да пристигнат за неколку месеци, но по пропаднатата претходна постапка, скопскиот јавен превоз повторно влегува во фаза на најави, рокови и чекање.
Претходниот тендер за набавка на 150 електрични еколошки автобуси и 75 полначи беше објавен од Министерството за транспорт во февруари годинава. Според планот, 100 автобуси беа наменети за Град Скопје, а останатите 50 за други општини. Првите 30 автобуси требаше да бидат испорачани во рок од шест месеци, 60 во рок од 12 месеци и уште 60 во рок од 18 месеци.
Но постапката пропадна. Од Министерството за транспорт тврдат дека фирмите кои се јавиле на тендерот не ги исполнувале условите. Од Град Скопје сега најавуваат нова постапка, а очекувањето е дека скопјани би ги добиле првите автобуси за неколку месеци.
Автобуси има на хартија, на улица сè уште недостигаат
Јавниот превоз во Скопје со години е една од најболните градски теми. Стар возен парк, нередовни линии, преполни автобуси и секојдневно незадоволство од патниците ја претворија набавката на нови автобуси од изборно ветување во тест за тоа дали градот воопшто може да испорача основна услуга.
Во април, според СДК, на тендерот пристигнале четири понуди, а од вкупно 341 автобус на ЈСП „Скопје“, дневно исправни биле 185, додека во сообраќај возеле само 157 автобуси.
Политички обвинувања по пропаднатиот тендер
По пропаѓањето на тендерот, следуваа и политички реакции. СДСМ обвини дека целта била да се намести фирма блиска до унгарскиот премиер Виктор Орбан, додека Левица ја обвини власта дека со години ги манипулира скопјани со ветувања за „еко автобуси“ и дека со пропаѓањето на последниот тендер Скопје ниту годинава нема да добие нови автобуси.
Во меѓувреме, граѓаните остануваат на постојките. Секој нов тендер се најавува како решение, но секоја пропадната постапка го продолжува истиот проблем: град кој зборува за зелен превоз, а сè уште се вози со систем што едвај го држи дневниот ритам.