Нова успешна трансплантација во Македонија: Хуманост на семејство донесе шанса за нов живот

Успешно е изведена уште една трансплантација во земјата благодарение на хуманоста на семејството на дарителот.

Со длабока почит кон починатиот дарител и искрена благодарност до неговото семејство, во земјата е реализирана уште една успешна трансплантација која донесе нова надеж и продолжен живот за повеќе пациенти на листата на чекање.

Во рамки на интервенцијата се извршени трансплантации на срце и бубрег, со што на двајца пациенти им е овозможена шанса за нов почеток. Ова е првата трансплантација на срце во тековната година, што дополнително ја нагласува значајноста на постапката и нејзиниот медицински и човечки импакт.

Од институциите посочуваат дека хуманата одлука на семејството, донесена во еден од најтешките животни моменти, овозможила спасување на животи и подобрување на здравствената состојба на повеќе пациенти.

Во моментов, на националните листи за чекање се наоѓаат околу 170 пациенти кои чекаат бубрег, околу 30 пациенти кои чекаат срце, како и десетина пациенти кои чекаат трансплантација на црн дроб, што ја истакнува континуираната потреба од органодарителство.

„Во овие моменти, хуманоста на едно семејство и посветеноста на здравствените работници отвораат можности за нова надеж и нов живот“, изјави проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.

Министерот за здравство Азир Алиу упати благодарност до семејството на дарителот и до сите медицински тимови вклучени во сложениот и чувствителен процес на трансплантација, нагласувајќи дека секоја ваква постапка претставува победа на хуманоста. Од Министерството потенцираат дека органодарителството е еден од највисоките изрази на солидарност и човечност, кој директно спасува животи и им дава нова шанса на пациентите и нивните семејства.

Овој чин уште еднаш ја потврдува важноста на развојот на трансплантациската медицина и потребата од постојано подигнување на свеста за значењето на донирањето органи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс