Научниците го редефинираа поимот дебелина и многу повеќе луѓе сега спаѓаат во неа

Ако мислевте дека нормалниот индекс на телесна маса ве штити од дијагнозата “дебелина”, новата студија објавена во Annals of Internal Medicine има лоши вести за вас.

Истражувачи од Универзитетот во Јужна Калифорнија утврдија дека традиционалниот индекс на телесна маса (ИТМ) пропушта голем број луѓе кои носат нездрави количини масно ткиво иако на хартија изгледаат сосема нормално. Според новата меѓународна дефиниција, дебелината е хронична болест поврзана со дисфункција на органи, метаболички проблеми и физички ограничувања предизвикани од вишокот маснотии.

ИТМ не прави разлика меѓу маснотии, мускули и коски

Главниот проблем со ИТМ е тоа што мери само однос меѓу тежина и височина, без да прави разлика меѓу маснотии, мускулна маса и коскена маса. Исто така, не го зема предвид местото каде маснотиите се таложат во телото, а тоа е клучен фактор. Висцералните маснотии во абдоменот, на пример, се значаен показател за здравјето дури и кај луѓе кои надворешно не изгледаат со прекумерна тежина.

Речиси секој втор со “прекумерна тежина” всушност е клинички дебел

Користејќи ја новата меѓународна дефиниција за дебелина развиена од експерти и поддржана од медицинското списание The Lancet, истражувачите ги надминале границите на ИТМ и вклучиле мерења на половината, проценки на телесните маснотии и докази за здравствени проблеми поврзани со дебелината. Резултатот: приближно 26 отсто од луѓето со нормален ИТМ и повеќе од половина од оние класифицирани само со прекумерна тежина всушност ги исполнуваат критериумите за “клиничка дебелина”, според студијата објавена во Annals of Internal Medicine.

Новата категорија “преклиничка дебелина” ги опфаќа луѓето без симптоми

Дебелината според новата дефиниција не е само вишок килограми – таа е проширена за да опфати хронична болест поврзана со дисфункција на органи, метаболички проблеми и физички ограничувања. За луѓето со вишок маснотии кои сеуште немаат здравствени оштетувања, новата класификација воведува посебна категорија: “преклиничка дебелина”, што значи дека не се уште клинички дебели, но се на пат кон тоа.

Критичарите: срцева слабост и болести на черниот дроб имаат и други причини

Секоја нова студија наидува на критики, и оваа не е исклучок. Дел од истражувачите сметаат дека авторите на студијата веројатно ги преценуваат стапките на дебелина, бидејќи состојби како срцева слабост или болест на черниот дроб можат да имаат причини кои не се поврзани со телесните маснотии. Сепак, наодите ја одразуваат растечката тенденција во медицинската заедница да се оди подалеку од бројките на вагата и да се земат предвид сите показатели поврзани со вишокот маснотии.

извор: vice.com

е-Трн да боцка во твојот инбокс